Владеачкото мнозинство на комисијата за избори и именувања го предложи за нов претседател на Советот за граѓански надзор, задолжен за надзор врз примена на мерките на следење на комуникации, магистар Илче Димовски како претставник на здружение од областа на заштитата на основните човекови, права и слободи, безбедноста и одбраната.
Единствена фотографија која на интернет може да се најде од Илче Димовски е фотографија од негов прес конференција држена во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола пред 9 години.
Биографиите на избраните ги нема и не се објавени на сајтот на Собранието, а Комисијата за избори и именувања вчера на брза лента избра седумина од 28-те кандидати кои беа предложени без јавноста да дознае за оние што ќе треба да ги заштитуваат правата на граѓаните од нелегално прислушување.
Меѓу предложените членови на Советот за граѓански надзор како експерт е Стојанче Рибарев што одговара на идентитетот на разрешениот врховен судија. Стојанче Рибарев беше разрешен бидејќи Судскиот Совет оцени дека наместо по електронски пат, на судиите разделувал предмети за работа по сопствен избор.
Како претставник на невладиниот сектор е избран и Мирче Стојков, а на интернет има едно видео на лице со исто име како држи партиски прес и информација дека лице со такво име, историчар по професија е советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Кочани.
За член на Советот е предложена и професорката Катерина Крстевска Савовска од Факултетот за безбедност во Идризово.
Како претставник на невладин сектор, владеачкото мнозинство го предложи и Никола Затуроски, а чице со таков идентитет беше кој во 2015-та бил избран за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
За експерт за надзор врз следењето на комуникации е предложен и машинскиот инжинер Благоја Стојановски. Исто име и исто образование се појавува и на кандидатската листа на ЗНАМ за последните избори. Стојановски бил и пратеник на СДСМ, а звањето експерт го добива од актуелното владеачко мнозинство.
Како последен член на Советот е предложен Хасиф Ќазимовски, од струшко кој е хемичар по образование и струка.
Опозицијата за член на Советот го предложи доскорешниот програмски директор во DCAF и универзитетски професор Кире Бабановски, но, пратениците од власта со 8 гласа против одлучија дека не е способен за надзорната улога.
Отфрлени се и кандидатурите на тројца професори од Факултетот за безбедност, како и на претставници од невладин сектор од областа на човековите права.
Советот има за цел остварување на граѓански надзор на законитоста на спроведување над мерките и не треба да има партиски членови.
Миомир Серафиновиќ
