Постојан стрес, малтретирање, закани. Вака живеела нашата соговорничка додека била во брак. Петнаесет години трпела семејно насилство од поранешниот сопруг, но и од неговите родители. Помош побарала дури кога ситуацијата станала алармантна.
„Од премногу малтретирање морав да одлучам и ми беше жал за децата што мораа да гледаат како ме тепаа, како се изживуваа над мене. Од сите бев малтретирана, не само од сопругот, туку и од свекорот и свекрвата. Се закануваа дека ќе ми ги земат децата, дека ќе ме убијат“, изјави жртвата.
По разводот, принудена е сама да ги издржува децата, но, овојпат во секојдневие без насилство.
„Се чувствуваш пораат, немаш малтретирање, немаш стрес. Навистина е тешко, едвај да ги раниш децата, едвај ги школуваш“, изјави жртвата.
Од Здружението „Женски форум“, кое освен на оваа жртва, помагнало и на многу други во изминатите 20-тина години, велат дека на повеќето животот им се подобрил со поддршката која ја добиле.
„Доаѓаат кај нас во едно сосема поинакво издание, со вратена самодоверба, со подобрен социјален живот. Честопати се обидуваме и да ги вклучиме во економски програми доколку има можност“, изјави Слаѓана Тодоровска.
Откако ќе го направи најважниот чекор, ќе го пријави насилството, жртвата има право на бесплатна здравствена, психолошка и правна помош преку Центарот за социјална работа и невладините организации. Со посета на обуки за одредени професиии, добива можност и да се вработи. Една од целите на стручни лица е жртва да се реинтегрира.
„Ако жртвата економски се зајакне, најбитно за да се реинтегрира и да почне да живее без насилство, самостојна и да се грижи, битно е да и се врати самодовербата и да се развијат сите потенцијали и капацитети за да биде интегрирана“, изјави Небахат Имери, психолог во Центарот за социјална работа Тетово.
Во тетовскиот Центар за социјална работа во деветте месеци од годинава има над 80 случаи, што претставува зголемување во однос на претходните години.
Данијела Билбилоска
