Вести Македонија Топ вести

СДСМ прифаќа предвремени избори, предизвикот на Мицкоски прифатлив и за ДУИ, а за Вреди тоа е трошок и губење време

Опозицијата прифаќа предвремени парламентарни избори. Социјалдемократите се на став дека на Владата не ѝ оди најдобро и за нив нема поголем доказ, од најавата на премиерот и тоа само пет месеци од последните избори.

Оваа тема произлезе на првите пратенички прашања на новиот парламентарен состав.

Мицкоски од говорницата кажа дека прифаќа да си даде оставка и да има предвремени избори, тврдејќи дека Владата се бори да го избрише срамот и „коленичењето“ во Брисел, на нејзините претходници.

Лидерот на СДСМ, Филипче е категоричен дека на секој нареден изборен циклус, СДСМ ќе настапи пообединета.

Ова на некој начин и кокетирање со ДУИ би рекол дека е порака пред сѐ за ВЛЕН и за ЗНАМ коишто очигледно дека имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка. А, што се однесува на СДСМ, ние сме подготвени да одиме на какви било избори од денеска натаму. И во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.

На прес-конференцијата, Филипче се соочи и со други прашања. Едното се однесуваше на видео кое беше објавено на социјалните мрежи, од веселба која се случила во Дубаи.

На видеото се гледа и поранешниот премиер и партиски претседател Зоран Заев.

Филипче беше дециден дека не сака да коментира работи од неговиот приватен живот.

Кратко потоа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа Филипче – „богаташот од Дубаи“, а потоа му одговорија за предвремените парламентарни избори.

Односите во владината коалиција се многу квалитетни и тоа може да се види и по политиките коишто се продуцираат во јавноста. И второ, ако е навистина така и ако господинот Филипче е сигурен во тоа што го зборува тогаш има пратеничка група од осумнаесет пратеници, нека поднесат барање за распуштање на Парламентот. Па тоа што го тврди да го провериме на избори, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, од коалицискиот партнер Вреди сметаат дека во Македонија немало постабилна Влада, зборовите на премиерот Мицкоски биле извадени од контекст, а потреба од предвремени избори – нема.

Кога имаш мнозинство од осумдесет пратеници, за државата и за граѓаните е непотребно да се размислува за предвремени избори бидејќи тоа е само трошок и губење време. Со секое прогласување на изборите шест месеци пред и потоа запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања и тоа влијае многу на економијата и на бизнисот, вели Изет Меџити, вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

За избори „на еден трошок“, пак, зборуваат од Демократската унија за интеграција.

Интегративците на Ахмети велат дека очекуваат премиерот Мицкоски да го одржи зборот, го повторија ставот дека Владата нема етнички легитимитет, а на државата ѝ се потребни предвремени избори.

Ние секогаш сме биле подготвени да се соочиме со граѓаните и со народот. Оттаму ја црпиме довербата и убедени сме дека ќе продолжиме. Но, предвремени парламентарни избори на државата ѝ се потребни и за меѓуетничките односи кои се доста нарушени со новата Влада без етнички легитимитет, за интеграцискиот процес, за економските политики и за многу нешта се неопходни и потребни, вели Блерим Беџети од ДУИ.

Претходно, Ахмети во Боговиње кажа дека прифаќа предвремени избори и на Мицкоски му порача добро да се подготви за догодина.

Премиерот Мицкоски му одговори тој да се подготвува за одговорност, а за избори кога ќе дојде време.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Коцевски изјави дека се преземаат активности за бегалецот Груби

Дејан Дејан

Сите станари од опожарениот дом во Чемерско се стабилни во болницата во Кавадарци – очекуваат да ги земат најблиските

Дејан Дејан

Завршија тендерите за над 200 проекти, општините конкурирале за 288 за средства од првата транша на унгарскиот кредит

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе