Вишото јавно обвинителство во Нови Сад сослуша 26 лица во врска со уривањето на масивната бетонска натстрешница на железничката станица, за денеска е најавено сослушување на уште 14 лица.
Меѓу оние кои дадоа искази се министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура, директорот на Заводот за заштита на споменици на културата, одговорни лица во железницата, како и одговорни кои биле ангажирани на изведба на работите. Одземена е и документација од ресорното Министерство и предадена на вештаци за постапување.
Денеска почнаа погребите на дел од настраданите во трагедијата на железничката станица во Нови Сад. Состојбата на трите повредени лица и натаму е критична.
-Ме прашаа и вчера и завчера кога се обраќав на новинарите, колку била тежината. Јас знам дека измерија, спасувачите кога го креваа бетонот од едно лице кое преживеа, дека само околу неа имаше 26 тони, рече во интервјуто Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ порача дека ќе биде утврдена политичка и кривична одговорност за одговорните за несреќата.
Дали некој понуди оставка г-дине Дачиќ, поради сето ова?, го прашаа министерот во интервју за државната РТС.
-Јас тоа не го знам, не сум надлежен, мене никој не ми има кажано во разговорите со претседателот и премиерот. Но, претседателот и сам спомена една работа- освен кривична ќе има и политичка одговорност, изјави Дачиќ.
Во меѓувреме се појавија детали за можните причини за падот на натстрешницата која однесе 14 човечки животи. Покрај можната корозија на сајлите, што беше објавена вчера, денеска се истакнува запуштени олуци и одводни вертикали на кровот која се поврзува со можната корозија на држачите.
Сашко Димовски