Во Антикорупциската комисија стигнало дополнување на анонимната претставка за директорот на АНБ во кој биле посочени партиските активности и членувања во Управни одбори на Христовски. Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска во телефонски разговор ни потврди дека по мејл е пристигнато дополнувањето и веднаш е препратено на работа кај антикорупционерот задолжен за предметот за директорот на тајната служба.
ДКСК веќе отвори предмет за назначувањето на Христовски и порача дека можност за сопствени истраги и постапки имаат и обвинителството и МВР без разлика на нивниот предмет.
СДСМ од МВР бараат истрага и кривична пријава за директорот на АНБ Бојан Христовски и неговиот сертификат за англиски јазик изваден во бугарски Пловдив. Опозицијата смета дека со молкот, министерот за внатрешни работи се става во заштита на Христовски.
„Очигледно МВР и Тошковски имаат селективен пристап и двојни стандарди кога функционерите на власта се во прашање“, стои во соопштението на СДСМ.
Најавуваат дека доколку полицијата не му поднесе пријава на Христовски како за директорката на градинка од Велес која имала лажен сертификат од Пловдив, тогаш СДСМ ќе поднесе кривична пријава против директорот на АНБ за извршено дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.
Од МВР вчера за Телма одговорија дека ќе постапуваат неселективно во случајот иако не дадоа други детали. Обвинителството пак посочи дека ќе чека антикорупционерите да го завршат својот предмет по што ќе одлучат дали и каква истрага би оптвориле против директорот на АНБ.
За ТОЕФЛ сертификат како на Христовски, осудени две директорки за фалсификат, објави 360степени
Бугарскиот медиум фактор.бг откри дека не функционира јазичниот центар „Јулија“ во Пловдив каде што според самиот Христовски, тој добил ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик. Училиштето „Јулија“ вчера ги изгасна профилите на социјалните мрежи.
Христовски беше избран на позицијата пред 13 дена иако претходно не го поминал ветингот за да премине од УБК во новата тајна служба. Кога ја презел функцијата, Христовски немал ниту сертификат за „државна тајна“ со што се отежнува и функционирањето на службата која се грижи за безбедноста.
Миомир Серафиновиќ
