Вести Македонија Најважни

„Јулија“ од Пловдив на директорот на АНБ Христовски не постои, тврди фактор.бг за ТОЕФЛ сертификатот на новиот директор на македонската тајна служба

Откако во документите на конкурс за избор на асистент на Факултетот за безбедност, Бојан Христовски, новиот директор на АНБ пријавил дека за англиски јазик има ТОЕФЛ сертификат од бугарскиот центар за странски јазици „Јулија“, Фактор.бг тврди дека такво училиште за полагање на испити за англиски јазик во Пловдив нема.

Фактор.бг ги проверил податоците на училиштето за странски јазици Julia Co.LTD кое е наведено во биографијата на Христовски како издавач на неговиот ТОЕФЛ сертификат за познавање на англиски јазик, но на посочените адреси во Пловдив немало такво јазично училиште.

Порано таму била сместена компанијата Julia Co.LTD, но сега канцеларијата е затворена, и таа фирма чија примарна дејност е преведување и консултации при вработување сега работи онлајн.

Во телефонски разговор на новинарот на фактор.бг со жената која одговорила на телефонскиот број од брошурата на фирмта им било посочено дека компанијата во моментот не издава сертификати за TOEFL и не организира обука за добивање на таков сертификат за познавање на англискиот јазик. Жената не се сеќава ниту дали „Јулија“ некогаш спроведувала обука по овој систем порано.

Јазичното училиште нема ниту официјална веб-страница ниту било каква друга реклама на интернет. Има само Фејсбук страница на консултантска фирма со исто име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. Истата фирма има седиште ио во Грција.

Во флаерот за огласување на компанијата поставен на ФБ никаде не се споменува дека извршува обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за TOEFL. Според официјалните податоци, во моментот во градот Пловдив нема установа која спроведува ТОЕФЛ тестови.

Македонската полиција за време на предизборието, кога технички министер за внатрешни работи беше актуелниот, Панче Тошковски, откри еден случај со лажна ТОЕФЛ диплома од Пловдив. Во информацијата од 26.04.2024. која беше објавена на сајтот на МВР и на ФБ профилот на Тошковски стои дека 44-годишна велешанка е осомничена за кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ на оглас за директорка на градинка. На конкретниот оглас употребила лажен ТОЕФЛ сертификат на кој стоело дека наводно е издаден во Пловдив во Бугарија.

За ова кривично дело е предвидена парична казна или затвор до 3 години. Слични случаи (најмалку два) беа откриени за втреме на техничката влада и во други делови од Македонија.

Новиот директор на АНБ пријавил дека ТОЕФЛ сертификатот го добил во март 2022-ра година иако два месеци претходно бил назначен за директор на ЈП Градски паркинг во Скопје за што исто така е потребен ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик. Тоа значи дека два месеци ја вршел функцијата без да ги исполнува условите за директор.

Бугарските новинарски текстови сега ја ставаат на испит македонската антикорупциска комисија која по анонимна претставка отвори предмет за да утврди дали Христовски ги исполнувал условите за директор на АНБ. Со претставка е оспорена неговата партиска припадност (бил член и функционер во ВМРО-ДПМНЕ до декември лани), дали ги исполнува условите за образование (лани положил економски факултет на Универзитет за бизнис и менаџмент) и дали е извршена безбедносна проверка за ризик за да ја преземе функцијата. Јазичниот сертификат не му е оспорен, но сега ТОЕФЛ од бугарската „Јулија“ станува најслаба алка во биографијата на Христовски кој е назначен за директор на АНБ пред десетина дена.

Христовски како што потврди и самиот во интервју за КОД на Телма нема нитиу безбедносен сертификат од највисок степен –„државна тајна“ туку само „строго доверливо“. Комисијата од АНБ која ќе ја прави неговата безбедносна проверка сега ќе мора да го провери и сертификатот ТОЕФЛ од Пловдив бидејќи не може да додели безбедносни овластувања од степен „државна тајна“ на луѓе чии детали дадени од нив, се спорни, контроверзни или неточни.

Без „државна тајна“ во моментот е искомплицирано и вршењето на директорската функција во тајната служба АНБ каде голем дел од документите се од тој највисок степен на класифицираност, а директорот не смее да има увид во нив.

Миомир Серафиновиќ

Антикорупциска отвори постапка за новиот директор на тајната служба Бојан Христовски кој до лани беше партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќемина паднаа на тестови за дрога, добија откази – француската влада ги тестираше вработените во министерствата и високите државни службеници

Sasko Dimovski

Судскиот процес против Мадуро закажан за 1 јуни во 2027 година во Њујорк

Sasko Dimovski

Скопските општини ќе формираат комисии за пријавување на штети од невремето

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе