Јахја Синвар е мртов, тврдат официјални претставници во Тел Авив. Веста за смртта на лидерот на военото и политичкото крило на Хамас дојде од министерот за одбрана Јоав Галант. Израелската војска објави и ДНК на тело за кое нагласи дека е на еден од тројцата милитанти кои биле убиени за време на операциите во јужниот дел на Појасот Газа во средата. Засега нема потврда од Хамас.
Според него, смртта на Синвар е јасна порака со семејствата на киднапираните заложници на Хамас дека Израел прави се за нивно ослободување. Убиството на лидерот на палестинската милитантна група ја потвдија и внатрешната безбедносна агенција Шин Бет, како и министерот за надворешни работи Исраел Кац. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, пак, порача дека војната е далеку од завршена.
За некои беше симбол на палестинскиот отпор, за некои, пак, касапот од Кан Јунис. Јахја Синвар беше именуван за лидер на Хамас во август оваа година, по убиството на неговиот претходник Исмаил Ханиа во Техеран. Претходно беше задолжен за водење на организацијата внатре во Појасот Газа, функција што ја презеде во 2017 година.
Синвар се најде и на врвот на листата на најбарани лица во Израел. Израелските безбедносни агенции веруваат дека го предводел планирањето и извршување на масакрот во јужен Израел на 7 октомври лани лиј биланс беше 1.200 убиени лица и 251 одведени во заложништво во енклавата.
Синвар е роден во бегалски камп во Кан Јунис во 1962 година. Во доцните 80-ти години од минатиот век ја формираше безбедносната служба на Хамас, позната како Мајд на која, меѓу другото, и се припишуваа и убиства на Палестинци кои беа осомничени и обвинети за соработка со Израел.
Голем дел од животот го мина во израелски затвори. По третото апсење во 1988 година беше осуден на четири доживотни робии. Сепак се најде на листата со 1.027 палестински и израелски арапски затвореници кои Израел ги ослободи во размена за Гилат Шалид во 2011 година.
Сашко Димовски
