Со втората меѓувладина конференција која денеска се одржа во Луксембург, Албанија ги отвори преговорите со ЕУ за првиот кластер – Темелни вредности кој е составен од неколку преговарачки поглавја меѓу кои клучни се поглавјата 23 – судство и човекови права и поглавјето 24 – правда, слободи и безбедност кои се затвараат последни на финишот од пристапниот процес.
Од денеска Албанија, според преговарачката методологија, треба да ги исполни времените одредници, односно услови по што ќе почне и отворањето на секое поглавје содржано во првиот кластер.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сиарто, претседавач со ЕУ, кажа дека Албанија го заслужи стартот на преговорите, но кажа и дека Македонија, исто така, заслужува и поддршката на Унгарија нема да застане.
Албанскиот премиер Еди Рама кажа дека ЕУ нема да има полојална членка од Албанија и нагласи дека е засрамен поради понижувањата кои мораа да ги трпат Албанија и особено нашата држава која беше меѓу првите во регионот кои ги отворија процесот.
Албанија во 2009 година поднесе барање за влез во Европската унија, а првата меѓувладина конференција за пристапни преговори се одржа во 2022 година. Досега напредокот на Албанија на патот кон ЕУ беше поврзан со напредокот на Македонија која стои пред засега непремостливата пречка за старт на преговорите – внесување на Бугарите во уставот.
Огнен Чанчаревиќ
