На јубилејното 20-то издание на Скопскиот маратон што ќе се одржи во недела на 6.октомври ќе учествуваат рекорден број на натпреварувачи.
Се очекуваат над 13 илјади луѓе низ улиците на главниот град и тоа од 55 држави од светот. Традиционално како и секоја година ќе се одржат четири трки, маратонот на 42.километри, полумаратонот на 21.километар, потоа штафетниот маратон и рекреативната трка на 5.километри.
„По 20-ти пат се одржува Виз Ер Скопскиот маратон, најмасовниот спортски настан кај нас, кој што Скопје и Македонија ги става на светската тркачка мапа. Овој настан не би можел да биде одржан без помош на Министерството за внатрешни работи, на Министеството за спорт, кое што покажа исклучително разбирање, Министерство за одбрана, Црвениот крст на град Скопје, Службата за итна медицинска помош и спонзорите. Оваа година има рекорден број учесници.“ изјави Зоран Стојановиќ, Претседател на Сојуз на спортови на Скопје.
„Од името на министерството можам да изразам едно задоволство што оваа година ќе бидеме дел од Скопскиот маратон. Не знам како било во минатото, но можам да кажам дека овој маратон ќе ја има поддршката, бидејќи гради исти вредности што ние сакаме да ги вметнеме во нашата држава. Иако се работи за рекреативен настан, она што нас како министерство ни е од интерес е што врзувате многу луѓе и има многу учесници. Негуваме исти вредности по кои сака да се води и Министерствто за спорт и да бидеме пример во општеството и можам јавно да кажам дека маратонот ја има нашата целосна поддршка. Се надевам дека и годинашниот маратон ќе биде успешен како и сите досегашни и стоиме на располагање за сѐ она што можеме да го помогнеме.“ изјави Министерот за спорт, Борко Ристовски.
Дали ќе се срушат нови рекорди оваа година на Виз Ер Скопскиот маратон, ќе открие неделното утро.
„Оваа година имаме рекорден број на учесници 13.440 од 55 земји, со што е надминат бројот од 2019 година кога имавме 12.450. Ова е многу поголем број учесници во споредба со минатата година, кога учествуваа 11.400 учесници и нѐ радува што интересот е огромен, како кај нашите тркачи, така и кај странските. Во сите четири трки, рекреативната трка од 5 км, маратонот, полумаратојот и штафетниот маратон е зголемен бројот на учесници во однос на минатите изданија. Можам да најавам дека ќе учествуваат неколку елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат срушени рекордите на патеките. Оваа година имаме мала измена на патеките во однос на минатите години, но стартот останува на исто место, пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон ќе трчаат накај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што кај Хром ќе свртат полукружно, се враќаат назад во центарот на градот, каде продолжуваат покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада, по што ќе свртат лево, по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, тука вртат полукружно, по што се враќаат на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански, се враќаат повторно на Трета македонска бригада и завршуваат на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје. Ова е првиот круг за полумаратонот, додека маратонците уште еднаш ќе го свртат истиот круг. Додека патеката за трката на 5 км, стартот е исто пред Собранието, по што натпреварувачите трчаат во правец на населбата Аеродром, односно кај Тутунски комбинат вртат лево, по Трета македонска бригада и кај Супермаркетот Тинекс свртуваат полукружно и се враќаат повторно назад на плоштад Македонија, каде што е целта.“ изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон.
Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени 600 волонтери. Организаторите уште еднаш ги повикуваат сите во недела да ги бодрат тркачите и да ја споделат позитивната енергија на јубилејното издание на можеби омилениот спортски настан во државата. Главен покровител на Виз Ер Скопски маратон 2024 е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.