Вести Македонија Топ вести

Градоначалниците на скопските општини контра Данела Арсовска – самите ќе чистат и уредуваат, а ќе се бара решение и за ЈСП

Комунална хигиена и Паркови и зеленило ќе се расформираат, а скопските општини самите ќе чистат и ќе уредуваат. Од ова ќе се почне, а се најавуваат и уште промени во начинот на функционирање на локалната самоуправа.

Ова произлезе од денешниот состанок на сите скопски градоначалници. Се разговарало за алармантната состојба во којашто се наоѓа Град Скопје, со фокус на нефункционалноста на јавните претпријатија.

Градоначалниците бараат од Владата на првата наредна седница да ги одземе ингеренциите на Градот за двете претпријатија, за потоа да се почне со расформирање на истите, па надлежностите да се предадат на сите скопски општини.

„Во Скопје во 21 век на секој начин прераснува дива депонија. Имаме нефункционално Јавно сообраќајно претпријатие. Секаде каде што Водовод има дефект дури и по неколку месеци не постапува, а откако ќе постапи – го остава тоа несанирано односно не си ги асфалтираат позициите каде што треба да работат. А, да не говорам и за останатите јавни претпријатија. Евидентно е тоа што Градот Скопје не функционира. Во Скопје е срамота да дојде турист во денешно време!“, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.

 

„Ние секоја недела после колегиум праќаме писма до Градот Скопје. И тоа е исто како да не сме пратиле никаде. Не знаеме како да се справуваме. Јас мислам дека дури и ова сега што го правиме е задоцнето“, додава Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир.

На денешниот состанок се зборувало и за хаосот со јавниот превоз. Автобуси нема со часови, возилата се во лоша состојба, долговите – наталожени.

Но, градоначалниците за тоа велат дека засега нема решение, ЈСП не може да се подели на општините. Но, градоначалникот на Кисела Вода, Ѓорѓиевски, вели дека на највисоко ниво ќе се разгледува и ова прашање, за да се најде решение.

Градоначалникот на Карпош и претседател на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, запрашан – зошто заменикот-градоначалник на Град Скопје, којшто доаѓа од редовите на неговата партија, дозволил состојбите во градската власт и во јавните претпријатија да ескалираат, одговара.

„Ако на едно претпријатие месечните приходи му се 50 милиони денари, а расходите 200 милиони денари – кој Марадона да го донесете да го реши проблемот во јавното претпријатие?!“, вели Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.

Вчера, претседателот на Владата, Мицкоски и Претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски потпишаа меморандум за соработка.

Со тоа, премиерот најави дека ќе се разгледаат можностите за одземање на ингеренции, а нефункционалноста на градската власт ќе биде тема и на владина седница.

Денеска, пак, пристигна реакција од кабинетот на градоначалничката Арсовска. Го обвинуваат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за намерна блокада во Советот на Градот, со што проекти остануваат замрзнати, а трпат граѓаните.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Една година по катастрофа на Титан: Остануваат нерешени пет клучни прашања

Дејан Дејан

Ѓорѓиевски: Mоќта на градоначалниците е преголема и тоа треба да се ограничи

Дејан Дејан

Централна Европа се справува со катастрофалните поплави

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе