МВР ги активира дроновите за да ги лови подметнувачите на шумските пожари и да го спречи натамошното опустошување на шумите и природата. Според информациите на полицијата дроновите ќе бидат оперативни 24 часа и се опремени со термални камери за да бидат функционални и во текот на ноќта а целта е и рана превенција на пожарите како и откривање на причините.
Сепак од МВР нема да откријат колку дронови се во функција и на кои подрачја ќе оперираат а се со цел да има поголема оперативна успешност во рамките на полициската акција „Пожар 2024“.
Она што е јасно е дека голем дел од пожарите се подметнати а полицијата досега успеа да открие шестмина пиромани и против нив да поднесе кривични пријави против шест лица кои одговараат за предизвикување на општа опасност или предизвикување на шумски пожар.
Се поголем број на граѓани бараат од надлежните да се донесе одлука дрвата уништени во пожар да не се сечат за потоа да не може да се користат во комерцијални цели за да се спречи натамошното уништување на природата.
Од ЦУК информираат дека денес има шест активни пожари а девет се под контрола.
Активни се пожарите на отворено во Општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница и кај ловиштето „Јасен“. Вториот е на териториите на Општините Демир Хисар и Охрид, поточно на Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е во Општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Активен е и пожарот што изби вчера во Општина Петровец, кај селото Градманци. Гори и во Општина Кочани, кај местото викано „Панаѓур“. Шестиот активен пожар е во Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода.
Според податоците од серверот „Ороратек“ кој содржи специјализиран софтвер за детекција и следење на шумски пожари од почетокот на годинава во Македонија се регистрирани над илјада шумски пожари а само во последните три месеци се регистриран 61 сериозен пожар на отворено во кој се опфатени 1.031 квадратен километар површина што е за неверојатни 16 пати повеќе споредено со истиот период лани кога изгореле 61 квадратен километар површина и шума.
Ако се земе периодот од последните шест месеци на територијата на Македонија овој софтвер регистрирал над 130 сериозни пожари кои зафатиле или уништиле 1.232 квадратни километри шума и површина или 7,5 пати повеќе од минатата година кога изгореле 141 квадратен километар.
Огнен Чанчаревиќ