Вести Македонија Најважни

Oд дискриминација при распределување на средства, фаворизирање адвокат, местење тендери, па се до фиктивни исплати – Ревизија ја оцени најлошо Агенцијата за вработување

Со најлоша оценка („неповолно мислење“)  е оценето работењето на Агенцијата за вработување за 2024 година од страна на Државниот завод за ревизија. Во најновиот извештај ревизорите лоцираа низа системски пропусти, како сомнежи за фаворизирање на адвокат, дискриминација при доделување на средства за самовработување во плански региони, неефикасно трошење милиони за обуки, местење тендери, исплата на надоместоци за неодржани седници, свесно кршење на законот за финансиска контрола како и исплати кои се под законскиот минимум.

Дури 77,46% од вкупните расходи за адвокатски услуги во 2024 година завршиле кај само еден адвокат. Ревизијата откри дека Агенцијата плаќала адвокати дури и за едноставни дописи кои би требало да ги пишуваат нејзините вработени, а за дел од исплатите воопшто нема доказ дека услугата е извршена.

„Утврдивме дека дел од фактурите не содржат податок за ставката од адвокатската тарифа… без постоење на соодветна поткрепувачка документација (тужба, жалба, записник) кои согласно склучените договори претставуваат услов за плаќање“, стои во извештајот.

Управниот одбор на Агенцијата во делот на мерката за самовработување фаворизила плански региони кои се понаселени, наместо да ги распределува средствата рамномерно. Па така се фаворизирале пет града и тоа Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и Куманово.

„Со утврдениот сооднос 85:15 се фаворизираат планските региони кои се понаселени за сметка на планските региони кај кои се јавува намалување на населението во изминатиот период и каде што се потребни мерки за задржување на населението“, пишува во извештајот.

При спроведувањето на јавната набавка за обуки за напредни ИТ вештини, Агенцијата за вработување фаворизирала едно конкретно правно лице со тоа што во тендерската документација поставила услови за поседување специфични авторизации (како „CertNexus ATP“) кои во државата ги поседува само таа фирма, со што свесно била ограничена конкуренцијата и исклучени останатите заинтересирани понудувачи. Дополнително биле потрошени  86 милиони денари за напредните ИТ обуки, но 92% од кандидатите паднале на испитот. Односно од вкупно 735 кандидати кои полагале испит, истиот успешно го положиле вкупно 184 кандидати, односно 25,03%.

Законот за практиканти бил прекршен од страна на Агенцијата за вработување, на тој начин што наместо да се исплаќа надоместок од 9.478 денари бил исплаќан износ од 8.863 денари. Ревизорот утврди дека Агенцијата купувала канцелариски материјали и телефонска опрема по цени кои се „повеќепати повисоки“ или „двојно повисоки“ од реалните пазарни цени.

Дополнително постои сериозен сомнеж дека договорите на определено време се злоупотребуваат само за да се извлече паричен надоместок од државата, при што дури 67,91% од вкупните исплати се токму по овој основ. Ревизијата утврдила и дека членовите на Управниот одбор добивале парични надоместоци дури и за месеци кога воопшто не се одржувале седници.

„Во текот на 2024 година исплатени се парични средства во износ од 377 илјади денари… за месеците април, јуни, август и октомври, иако во тие месеци Управниот одбор нема одржано седници“, стои во извештајот.

Агенцијата користи објекти за кои нема имотен лист, што е сериозен правен и безбедносен ризик. Станува збор за три објекти (Велес, Берово и дел од Скопје) со вредност од над 54 милиони денари . Поради нерешениот статус, објектите не можат да се реконструираат, а во објектот во Скопје веќе се појавуваат безбедносни проблеми за вработените. Државата не ја почитува законската обврска да префрла пари од Буџетот (по основ на ДДВ и царини) на сметката на Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица. Ова директно влијае на подобрувањето на условите за работа на оваа ранлива категорија граѓани. Агенцијата свесно го крши законот за внатрешна финансиска контрола. Наместо законски предвидените пет ревизори, Секторот за внатрешна ревизија функционира само со двајца, од кои едниот дури извршува и други задачи. Ова значи дека институцијата практично нема внатрешен механизам за спречување на грешки и злоупотреби.

Ревизија утври дека Агенцијата покажува отпор кон подобрување. Па така од 8 препораки дадени во 2023 година, дури три воопшто не се спроведени, а останатите се само делумно реализирани.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Напуштен подрум во Аеродром, скривалиште за халуциногени печурки, таблети, екстази и марихуана

Kristina Kuzmanovski

Муцунски од Анкара: Активно придонесуваме кон зајакнувањето на колективната безбедност, стабилноста и единството

Kristina Kuzmanovski

Почнува судењето за серискиот убиец од Старо Нагоричане, изврши четири убиства и два обида за убиство

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе