Вработен во Институтот за јавно здравје во Скопје ја исклучил струјата за коморите во кои на безбедна температура се чувале реагенсите за биохемиски анализи за болести. Се проверува дали се уништени со оваа постапка или пак се уште може да се користат во лабораторија.
За случајот е известена и скопската полиција
Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, соопшти МВР.
„Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои вo соопштението на МВР.
