Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас, по информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, На случајот работат две обвинителства.
-Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија, соопштија од обвинителството.
Оттаму велат дека се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки. За исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена.
Новата директорка на ИЈЗ, Марија Андоновска вели дека е дoбро што исклучената струја е забележана веднаш затоа што доколку пропаднеле реагенсите ќе имало огромно загрозување на општата состојба на граѓаните, загрозување на животот и нивното здравје, како и милионска штета.
-Можно е ова да се случило во периодот помеѓу 14.30 и 15.30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Станува збор за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние сѐ уште бевме на работа и хигиеничарката, која доаѓа по заминување на вработените забележа дека има некаков проблем кај разводните табли. Таа алармираше. Среќа што бевме таму и веднаш реагиравме. Последиците ќе беа ненадоместливи, изјави директорката Марија Андоновска за МИА.
Вработен во Институтот за јавно здравје ги исклучил коморите со реагенси
