Вести Економија Топ вести

Данокот на имот во Скопје ќе се пресметува според реалната пазарна вредност на недвижностите

Данокот на имот ќе се плаќа според реалната пазарна вредност, а тоа ќе се утврдува според купопродажните договори, но и со проценка на терен за состојбата на објектите, велат од Град Скопје во разговор за Телма.

Помалку од половина од имотот во Скопје се даночи и затоа се неопходни реформи со кои што секој ќе плаќа данок на имот.

Ревидирањето на пазарната вредност на имотите во Скопје веќе започна во општина Центар и продолжува во Карпош, а следната година ќе се опфатат и останатите скопски општини.

  • Во даночниот регистар се опфатени 17 милиони метри квадратни во објекти, тука мислам на станови, на куќи, на деловен простор, додека на пример за споредба на тоа Катастарот за град Скопје има регистрирано преку 39 милиони метри квадратни на станбен и деовен простор. Значи, се работи за некаде 22 милиони метри квадратни кои што воопшто не биле оданочени. Не се работи за покачување на данок, значи даночната стапка која изнесува 0,1% од вредноста на имотот доколку граѓанинот не живее во станот или 0,05% од вредноста на имотот ако живее во станот, останува иста. Но, цел оној имот кој што не бил опфатен во минатото, сега ќе биде опфатен и секој ќе биде оданочен согласно законот. Градот Скопје со фискалната децентрализација во 2005 година ги има преземено податоците од УЈП за имотите и од тој период па наваму воопшто никогаш не направил споредба со Катастарот за како би имототите да бидат и оданочени. Затоа, сега ако земете во една зграда ако се земе на пример во Центар или во било која друга ќе имате различни даноци што плаќаат граѓаните во зависност од тоа кога направиле купопродажен договор. Така, на пример, една анализа што ја направивме за една зграда во Центар испадна дека во истата има 48 станови, каде едни плаќаат 500 денари данок на имот, зборуваме за иста големина на станови и горе-долу слична поставеност и вредност, додека други плаќаат и до 100 евра ако минатата година направиле купопродажба“, вели Славче Трпески, секретар на Град Скопје.

Градот Скопје досега никогаш не направил вкрстување на податоците со Катастар со цел соодветно да ги оданочи сите граѓани на главниот град.

Ова се јавува како потреба особено имајќи го предвид фактот дека градот издава решенија за данок на имот за само половина од становите. Поточно, се оданочуваат 122.000 станови, а според пописот што го спроведе Статистика во 2021 година има 240.000 станови.

  • „Клучната промена е сите граѓани во Скопје да мора да платат данок за тоа што го поседуваат. Досега даночниот регистар и властите во Град Скопје не доставувале решенија до сите граѓани. Сега, со оваа даночна реформа опфатот ќе биде за сите. Тоа е едната димензија за случајот, а другата е, сакам навистина да упатам повик до граѓаните да ги плаќаат даноците бидејќи од тие средства се градат улиците, се градат парковите, се градат булеварите и исто така градот со големи средства ја помага и ‘Комунална хигиена’ и ‘Водовод’, значи целата комунална изградба и обнова во Скопје зависи од даноците“, вели Славче Трпески, секретар на Град Скопје.

Во даночниот регистар на Град Скопје се опфатени 17 милиони метри квадратни во објекти, додека во Катастарот се регистрирани над 39 милиони метри квадратни на станбен и деловен простор. Тоа значи дека 22 милиони квадрати воопшто не биле оданочени, а тоа тројно би ги зголемило приходите по овој основ во градот.

Освен тоа, слабо оди наплатата и на веќе издадените решeнија, за што критикуваше и Државниот завод за ревизија. Конкретно, градот Скопје има 21 милион евра ненаплатен данок на имот во последните 5 години, при што општина Сарај е најголемиот неплачaќ, каде што наплатата едвај надминува 40%, додека Карпош и Аеродром се меѓу најредовните, каде што на секои 4-5 плаќачи, има по еден должник.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Јошески: АХВ сеуште не е известена од Центарот за јавно здравје Тетово за водата во Лешок

Дејан Дејан

Се врши проценка на штетите по силниот ветар во Штип – пациентите од Ортопадија се уште се на другите одделенија

Дејан Дејан

Полемиката меѓу Муцунски и Османи околу преговарачката рамка не запира

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе