Кризната состојба и епидемијата во Гостивар, забрана за употреба на водата за пиење во Крушево, концентрацијата на арсен во водата во Валандово и извештај за небезбедна вода за пиење во Болницата за белодробни заболувања во село Лешок, го отвори прашањето каде затаи системот и дали воопшто постои комуникација меѓу надлежните институции за навремено информирање на граѓаните во интерес на нивното здравје.
- Во однос на проблемот во Гостивар и во Валандово АХВ во целост и навремено ги извести граѓаните за проблемот којшто е и начинот на кој постапува во однос на пренесениот извештај на добиени резултати. Од болницата во Лешок Агенцијата за храна и ветеринарство сеуште не е известена од надлежниот Центар за јавно здравје во Тетово за добиените незадоволителни резултати – д-р Мартин Јошески, Агенција за храна и ветеринарство.
Центрите за јавно здравје кои се вкупно десет на територија на Македонија се оние кои ги прават проверките и треба да ја известат АХВ. Во континуитет имаме добра соработка со Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје во Скопје, Прилеп и Велес, но тоа не е случај и со Центарот за јавно здравје во Тетово и тоа трае подолг период , вели Јошески.
- Да, ние во неколку наврати интервениравме со известување до нивна страна и очекуваме да се придржуваат на законскиоте барања за известување на Агенцијата – Јошески.
За министерот Клековски состојбата со водата во Лешок трае со децении и тоа особено во летните месеци и тоа го знаеле министрите за здравство меѓу 2017 та и 2022, што може да се види и во редовните наоди што ги добивало Министерството за здравство. Тоа го знае и населението, затоа водата се обезбедува од диспанзери. Во однос на комуникацијата меѓу надлежните институции Клековски со став:
- Па видете каква е меѓуинституциската комуникација познато е во Македонија дека ресорите имаат проблем во меѓусебната комуникација. Во моментов директорот на Центар за јавно здравје е максимално респонзивен и одговара и соработува по сите прашања што јас како министер или министерството, без разлика кој и да е од министерството ги бара – Сашо Клековски, министер за здравство.
На прашањето дали Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги засили контролите по она на кое сведочевме во Гостивар, Валандово и Крушево, Јошески со став дека Центрите за јавно здравје се оние кои ги прават првичните контроли согласно програмите за безбедност на водата за пиење и надзор на здравствената исправност, па потоа ја известуваат и Агенцијата за храна и ветеринарство. При тоа центрите за јавно здравје не го проверуваат само присуството на ешерихија коли и ентерококи, туку и присуството на тешки метали и параметрите кои се предвидени во правилникот.
Нина Стефанова
