Вести Македонија Најважни

Европска иднина на државата, силни институции, заложби за сите граѓани – претседателските кандидати на стартот на кампањата

Заложби за европска иднина на државата, со ветувања за функционални институции со делегирање на професионални кадри. Сите кандидати за претседатели дека на функцијата ќе бидат на сите граѓани, но и критики до опонентите.

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат, Стево Пендаровски од митингот во Прилеп порача дека неговата опција е европски просперитет, а не враќање во балканската кал.

„Ако Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ, сами не ќе можеме да го спречиме во поголем процент иселувањето. Затоа е императивно на достоинствен начин да влеземе во ЕУ. Не треба да ни се одземе кои сме и што сме, јазикот и идентитетот ни се гарантирани. Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете 1, Македонија не смее да се враќа назад, туку да оди само напред“, истакна Пендаровски.

Кандидатката Силјановска Давкова на митингот пред Владата со кој ВМРО-ДПМНЕ и партиите од коалицијата ја почнаа кампањата за Претседателските избори порача да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок.

„Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ“, рече Силјановска Давкова.

Билјана Ванковска, кандидатка на Левица, пак, од Струмица порача дека себе си се дефинира како можен претседател на сите граѓани, бидејќи, како што рече, така пишува во Уставот и би била претседател на сите сиромашни, сите обесправени, сите дискриминирани, а такви има и меѓу Албанците, и меѓу Ромите, и меѓу Србите, и меѓу Власите и меѓу сите.

Ванковска рече дека битката не е само нејзина, туку е на сите и сака да ја изоди како народен трибун и да биде негов глас и повика на 24 април масовно да се излезе на гласање.

Според претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, претстојните претседателски избори не се обични избори, туку, како што вели, се народен референдум што ќе ја определи иднината на државата.

„Нашата држава се наоѓа на крстопат. Еден пат води кон светла европска иднина, другиот пат води кон изолација, бесперспективност и нејасност. Затоа овие избори не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава“, рече Османи на прес-конференција пред претседателската вила Водно.

Со програма под наслов „Манифест за Македонија“ и со слоганот „Максимум за Македонија“ претседателскиот кандидат Максим Димитриевски ја почна кампањата на претседателски избори од Крушево.

„Мојата програма се базира на пет стратешки начела и пет приоритети со кои ќе се зафатам во првите 200 дена. Моите пет начела се: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата и вклученост и одговорност. Ќе ја зајакнам улогата на претседателот во надворешните односи, ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти за да постигнеме разбирање и согласност за клучните цели на државата – во надворешната и внатрешната политика, како врховен командант, ќе работам на зајакнување на капацитетите на македонската армија, ќе ги вложам сите напори за да се валоризира нашето членство во НАТО“, рече Димитриевски пред Македониумот во Крушево.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ ги почна активностите со средби со граѓани во Тетово,  каде порача дека нема повлекување се додека не се промени црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Како претседател на Република Македонија нема да ги делам граѓаните по етничка и верска припадност, јас ќе бидам претседател на сите и секој граѓанин во мене ќе има свој заштитник“, истакна Јакимовски.

На првиот ден од кампањата, претседателскиот кандидат Таравари присуствуваше на отворање партиски изборен штаб во Дебар.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за двојното убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Дејан Дејан

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе