Печатите на партијата Алијанса за Албанците ќе припаднат на крилото на Зиадин Села, според судска одлука, велат за Телма од Службата за односи со јавноста. Во Основниот Суд Тетово се водеа два предмети, односно две барања за упис на промени во судскиот регистар на политичките партии во кој како барател и во двете барања се јавува Алијанса на Албанците со седиште во Тетово. Односно кој е претседател на Алијанса на Албанците Арбен Таравари или Села.
Според крилото на Села, сега токму тој е претседател на партијата.
Судот одлучи дека нашето барање за регистрација на Зиадин Села за претседател на Алијанса за Албанците е прифатено. Со оваа одлука се известени сите странки и сега и официјално претседател на АА е Зиадин Села, се вели во соопштението на крилото на Зијадин Села.
Од крилото на Арбен Таравари велат дека до овој момент не добиле официјална потврда од Судот во Тетово, туку за тоа дознале од објавите на неколку медиуми. Попладнево на социјалните мрежи, пак, Таравари напиша дека и доколку ваквата вест е вистинита, сепак, за нив најважни се одлуките на народот.
Велат дека денеска добиле печати од Алијансата за да ги дадат на ДУИ… и да е вистина ќе се жалиме ама и да ги добијат со заробениот систем што го имаат во рака, имам прашање … што е со народот? ! Без вера, со ниеден суд не можете да го освоите народот! Промената започна и нема печат што ја спречува!, напиша Таравари на неговиот фејсбук профил.
Од службата за односи со јавноста во Основниот суд Тетово не добивме одговор, не упатија да испратиме маил, за да ни одговорат утре.
Инаку, раколот во партијата настана откако крилото на Таравари се приклучи на опозицијата, односно Коалицијата „Вреди“, додека Села велеше дека треба самостојно да настапат на изборите, но сепак, пред неколку дена потпиша влез во коалицијата на ДУИ, „Европски Фронт“.
Данијела Билбилоска