Вести Македонија Топ вести

Судскиот совет не го упати судијата Шабани во Кривичен, под ризик од застарување Талир 1 и Титаник 1

По скоро двочасовна расправа, со 6 гласа за и 6 против, Судскиот совет не ја донесе одлуката за времено распоредување на апелациониот судија Осман Шабани во Кривичниот суд Скопје. Под закана за застарување се случаите Талир 1 и Титаник 1, кои по унапредувањето на Шабани во скопска апелација се доделени на друг судија и ќе се вратат на почеток.

„Навистина, и покрај напорите, ми е жал. Со среќа нека е на предметите Талир 1 и Титаник 1. Тука ја завршуваме оваа точка. Се надевам дека нема да се дозволи да застарат“, рече претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

Судијата Шабани минатата недела положи заклетва како Апелационен судија. Но, поради ризик од застарување на некои високопрофилни случаи, Судскиот совет закажа вонредна седница за времено да го упати назад во Кривичниот суд за да ги доврши случаите, но Советот не донесе таква одлука.

Членовите на Советот кои поддржаа упатување на судијата Шабани во Кривичниот суд, велат дека тоа не е гаранција дека случаите нема да застарат, но сепак шансите се поголеми, зашто со новиот судија ќе се изгуби повеќе време.

„Моите информации се дека во Титаник се сослушани 200 сведоци. Тоа се факти. Дали ние сметаме дека 200 сведоци ќе може да сослуша другиот судија“, праша Антоанета Димовска од Судскиот совет.

На седницата присуствуваше и претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која ги повика членовите да гласаат за упатување на судијата од Апелација за да ги доврши случаите под ризик од застарување во Кривичен.

„И во Извештајот на ЕУ, и за минатата и за оваа година, е нотирано вака: Се зголемува одложувањето на судењата за случаи на корупција на високо ниво, што резултира со застарување на некои случаи. Ние како членови на Судскиот совет, посебно вие што сте со право на глас, треба да го имате предвид извештајот на ЕУ“, рече претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.

Противниците на одлуката велат дека нема никаква гаранција дека враќањето на Шабани во Кривичен ќе значи завршување на случаите. Тие велат дека судењата се одолговлекувале поради судии-поротници, и предлагаат назначување на резервни поротници.

„Искрено, да сум сигурен дека со делегирањето на судијата Осман Шабани ги спасуваме предметите, ќе гласам, не со една, со две раце. Но, го мислам спротивното. Да не придонесеме, со делегирањето на судијата Осман Шабани, да изгубиме една година, кога сите знаеме дека не може подолго од една година да се делегира судија, а сите кажуваме дека предметот трае три години“, рече Селим Адеми, член на Судскиот совет

Случајот Талир 1, во кое поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, , меѓу кои и избеганиот Никола Груевски, се обвинети за незаконско финансирање на партијата застарува за помалку од една година. Поради смена на судија поротник судењето почна од почеток пред 3 месеци. Случајот Титаник 1 за изборни измами, во кои исто така се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, застарува пред крајот на наредната година.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе