Вести Македонија Најважни

Обвинителството се жали што нема притвор за упадот во М-НАВ, осомничениот Беким Незири може да оди и на работа

Обвинителството  ја подготвува жалбата, откако Кривичен одби да им определи притвор на функционерот на ДУИ, Беким Незири и уште тројца осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, поради упадот во контолата на летање.

По жалбата ќе одлучува Кривичен совет од тројца судии на Кривичниот суд. Според информациите на Телма, одлуката да нема притвор, туку мерки на претпазливост, ја донеле судиите на претходна постапка Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ.

На четворицата осомничени за инцидентот, кој предизвика интерес и кај меѓународната заедница, им определиле забрана за напуштање на Скопје, обврска да се јавуваат во судот, им се одземаат пасошите и им се забранува да комунцираат со тепаниот и меѓу себе.

Според правници упатени во проблематиката, едно од најспорните прашања е тоа што Незири ќе може да продолжи да оди на работа во М-НАВ, а со тоа се отвора и опасноста од влијание на сведоци и докази. За ова кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 5 до 20 години, и во ситуација кога половина од осомничените се недостапни, обвинителството бараше притвор и поради опасност од бегство.

Пајазити веќе неколку години е и заменик претседател на Кривичниот суд. Неговото име во јавноста се споменуваше кога беше судија за извршување на санкции кој го изготвуваше упатниот акт за екс премиерот Груевски, кој избега пред да влезе во затвор.

Судскиот совет изврши увид во списите на предметот и констатираше дека постапувал стручно и во рамки на законските рокови. А за Крстиќ, освен како една од судијките во предметот Машинопромет против Шиповиќ (екс претседавач на советот во општина Центар) медиумите пишуваа дека била дел од Кривичниот совет кој го му го смени притворот со куќен притвор за екс началникот Горан Грујевски во предметот „Тврдина“ на СЈО.

Зошто го одбиле предлогот на обвинителот за сега нема објаснување од Кривичен. Од обвинителството вчера објавија дека осомничените со нивните дејствија ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ.

Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот, соопштија од обвинителството.

Обвинителството трага по уште четворица од насилната група која изврши упад во М-НАВ. Извори на Телма велат дека еден од нив е главниот напаѓач чија сопруга е вработена во оваа институција пред неколку месеци. Според сознанијата на Телма тој е избеган во Србија.

Дали им влегле во траг на избеганите, нема информација од надлежните.

Во М-НАВ, во вторник влегува Финансиската полиција, објави вчера Телма. За истиот ден е најавена и владината седница на која треба да се разреши раководството на македонски навигации.

Директорот Фахрудин Хамиди ќе чека да биде разрешен, нема сам да си поднесува оставка. А инцидентот и упадот во зградата на Контролата за летање на скопскиот аеродром го оквалификуваа како несогласување меѓу двајца колеги и кошкање.

Телма објави и дека за време на упадот, два НАТО транспортни авиони за дестинација за слетување го имале Скопје. И воените авиони на НАТО, и цивилните воздухоплови безбедно слетале на аеродромот.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборот на матичен гинеколог и редовните прегледи се клучни за женското здравје

Дејан Дејан

Кои се пратениците кои ќе му се придружат на Мицкоски?

Дејан Дејан

 „ Парови “ во Драмски театар, за љубовта како жртва на проекциите на луѓето за себе си

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе