Вести Емисии Код Македонија

КОД: Прецизен план за грабнување на Вања- Ситроенот уште во 6:30 ја чекал пред нејзината зграда

Што фатиле камерите на 27.11.2023- денот на грабнувањето на Вања?

Зградата на Наум Наумовски Борче 87 е местото, каде што живееше 14 годишната Вања Ѓорчевска. Само зградата е сведок на нејзиното грабнување и исказите на осомничените, кои го опишале грозоморниот чин по нивното апсење. Но, она што ќе ја донесе полицијата до нив е Ситроенот. Од него започнува расплетот на случајот.

Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се во возилото. Еден час пред грабнувањето. Накај 6:30 часот утрината. Сознанијата до кои дојде КОД се дека ќе направат еден круг со Ситроенот, преку улицата Орце Николов и калдрмата која води накај општина Центар, по што ќе се вратат пред зградата. Стрпливо ќе чекаат на паркингот, каде камерите нема да ги уловат.  Љупчо Палевски Палчо ќе им се придружи подоцна.

Папата, како што го нарекувале Палевски, останатите осомничени, им ја продавал приказната за партијата Десна, во која биле членови и како е потребно да собираат пари за да учествуваат на наредните избори. Парите засега се и главниот мотив за грабнувањето и убиството на Вања.

Четири камери на Сејф сити поставени на булеварот Илинденска всушност не го снимаат влезот на зградата. Не го снимаат ни околните објекти кои имаат поставени приватни камери. Влезот е во мртов агол, кој им овозможил на грабнувачите пред и по грабнувањето и воопшто да не бидат забележани на камера. Тоа укажува дека биле добро информирани за видео надзорот.

Во 7: 22 Вања излегува од дома. Ја грабнуваат тројцата мажи. Во влезот на нејзината зграда. Добро позната на Палевски. Не само што ја изградил, туку имал и клуч од просторија во подрумот, која претходно била во негова сопственост.

Во таа просторија, според сознанијата на КОД е однесена Вања. Ја врзуваат за раце и нозе. Ја ставаат во вреќа за спиење. Ситроен претходно одземен од велешанецот Панче Жежовски е надвор. Вања ја сместуваат во багажникот.

Не случајно местото каде што е грабната е внатрешноста на зградата. Во објектот не може да се пристапи без клуч или некој да ви отвори, откако ќе заѕвоните на домофонот. За грабнувачите тоа не било проблем, што покажува дека се било претходно добро осмислено.

Неколку минути подоцна. Во 7:27 часот, Ситроенот полека тргнува по Наум Наумовски Борче. Многу е веројатно дека има утврдена рута и време, бидејќи  веднаш му се придружува Реното Кангу. Практично возилото во кое е Палевски излегува пред Циторенот на еднонасочната улица во Дебар маало. И двете возила се движат  премногу бавно, како да се движат пешаци, а не автомобили. Со таква бавна траекторија продолжиле накај кружниот тек во близина.

КОД одеше по истата рута. Околната менувачницата има камера. Токму од таму полицијата наредниот ден одземала видео снимки. На 28 ноември, ден по грабнувањето на Вања. Ни кажаа дека неколку пати ги посетиле и прегледувале материјали, кои веќе менувачницата не ги поседува.

Автомобилите потоа продолжиле на Партизанска, а бавното движење ја покажува веројатноста дека тие го симулирале движењето на Вања до нејзиното училиште, кое е на неколку минути преку пешачкиот премин на булеварот.

Клучни за поврзување на Ситроенот со грабнувањето се снимките, кои попатно ќе го уловат неговото движење од местото на злосторството. Особено фактот дека во 06.30 тој се паркира пред зградата каде живее Вања. Но можеби и порано.

А Циторенот ќе се покаже клучен за истрагата и да се фатат осомничените. Лицата на камерите не им се распознаваат. Само возилото ги поврзува со Жежовски, неговото исчезнување и убиство, а потоа и со исчезнувањето на Вања.

„ Колата на Сејф сити ја наоѓаме на 27 дека се движи во Скопје. Таа не се движи од 22 до 27. Таа се движи на 27 во Скопје, кога се утврдува дека и возилото Ситроен и возило Рено Кангу, кои се движат заедно“  изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

ВМРО-ДПМНЕ постојано го обвинуваат министерот Спасовски дека полицијата можела да ја спаси Вања која била ликвидирана 2 и пол часа по грабнувањето, односно околу 10 часот.

Спасовски, според опозицијата, ја манипулира јавноста околу информацијата дали и кога почнале со потрага по возилото на убиениот Жежовски и дека не било регистрирана на камерите на системот Сејф сити.

 „Како што веќе прашавме, а Спасовски одбива да одговори, дали е точно дека возилото е регистрирано на системот „Безбеден Град” на 24 ноември во 6:30 часот и на 25 ноември во 21:15 часот кај Маџари, денеска ќе потврдиме дека возилото е регистрирано на системот „Безбеден Град” во наведените термини и локација, што укажува на уште една лага на МВР Спасовски“, изјави Ковачки.

„Ги дадов сите одговори на тие прашања. Тие одговори се во сосема спротивност со сите шпекулации кои што се шират во јавноста“, изјави министерот Спасовски.

Сознанија на КОД се и дека осомничените имале план на 24 ноември, односно во петокот наместо три дена подоцна, да го извршат злосторството, но се премислиле, бидејќи било премногу прометно утрината.

Тоа значи дека Ситроенот не бил за прв пат забележан на камерите на Сејф сити, како што тврди Спасовски.(продолжува по линкот)

КОД: Како Палчо добил пари од Швајцарија, како од невладина за медиуми стигнал до партија „Десна“ и зошто е под лупа на тајните служби

Забележан е и на камери во Велес на денот на исчезнувањето на Жежовски на 22 ноември. Еднаш со него се превезувале две лица заедно со убиениот. И уште еднаш само со Панче, по што му се губи трагата. Намерата на неговите грабнувачи била Ситроенот да го искористат за грабнувањето на Вања.

Истите тие рано утрината на кобниот ден за Вања околу 5 часот ќе наполнат бензин во канта во близина на седиштето на нивната партија Десна  со цел да го запалат возилото и да ги сокријат трагите. Опожарувањето ќе биде првата индиција за полицијата да почне да ги спојува коцките на злосторството.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Вин Вин 02.05.2024

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе