Вести Емисии Код Македонија

КОД: Како Палчо добил пари од Швајцарија, како од невладина за медиуми стигнал до партија „Десна“ и зошто е под лупа на тајните служби

Премногу гласини, премалку информации, во таква ситуација, прикриена од очите на јавноста која неколку недели по трагедијата, по малку ја подзаборави трагедијата на Вања, и натаму се плетат различни приказни и митови за досието на Љупчо Палевски-Палчо, првооосмничен за двете убиства кои ја потресоа Македонија на крајот на ноември и на почетокот на декември.

Државните институции пред се јавното обвинителство и полицијата правдајќи се со тековната истрага не одговараат со ниту еден детал, со тврдење дека се што не е соопштено од нив е шпекулација.

-Апелирам, сите информации да ги добивате од веродостојни извори во овој дел. А за текот на истрагата иснформациите, сите, ќе ги имате од Јавното обвинителство. Шпекулациите кои ги шират во јавност, било кој да е тоа, не одговараат со вистината и не помагаат. Напротив одмагаат на целиот процес, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.  

Митот за Палевски и неговата улога во разузнавачки кругови го распали Љупчо Георгиевски, поранешен премиер кој тврдеше дека Палчо имал директни врски со структури на тајни служби, па дури и дека ја минувал границата на односот меѓу таен агент и соработник, па и се однесувал како шеф на оној кој претходно го ангажирал.

-Во моментот кога вие еден криминалец го правите соработник и му давате се повеќе и повеќе работи и вие не знаете дали началникот на УДБА е поглавен или криминалецот. Таков беше случајот со Аркан, со Бели Вук. Тоа е тој преломен момент кај Љупчо Палевски-Палчо, кога во одреден момент тој станува поголем шеф од оној кој претходно му бил шеф. Еднаш ми беше кажано, од луѓе кои биле сведоци дека тој моќен началник на УДБА, Млекце, од кого цела држава се плашеше бидејќи беше на воено разузнавање главен, како чека во хол на хотел. Го чека Палчо и тој му приоѓа после пола час и му дава пари и му вика купи ми ова, рече Љубчо Георгиевски, поранешен премиер и претседател на ВМРО-Народна,во Топ Тема на Телма.

Разузнавачкo досие за Палчо дадено на истрагата

Кога КОД праша високопозициониран претставник на една од тајните служби, дали имале нешто за Палевски или за неговата партија Десна, која отскокнуваше од нормалните партиски организации, карактеристични за Македонија, добивме одговор: Ако имало нешто, се би било дадено на надлжените кои ја водат истрагата.

Следното прашање беше зошто пак таква опскурна партија и таков неприкосновен партиски лидер би биле предмет на интерес на службата, одговорот беше дека службата располага со класифицирани информации, тајни кои не се споделуваат во јавноста. Последното прашање беше дали истрагата ги барала и на кој начин, а одговорот беше се што сме имале, е пратено.

Оваа новинарско-разузнавачка конверзација поттикна повторно да ги поставиме прашањата до Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, кои на почетокот на декември не одговорија што и зошто знаат работи за Палевски и неговата партија.

Барал ли некој информации од нив за неговите политички активности. Одговор од АНБ немаше, а од разузнавање стигна.

-Агенцијата за разузнавање, во рамки на своите надлежности, остварува меѓународна соработка со сојузнички и партнерски служби, како и меѓуинституционална соработка со релевантните државни органи и служби на национално ниво. Дополнително ве информираме дека за оперативните активности што ги презема Агенцијата не можеме да информираме бидејќи се од класифициран карактер, одговорија од Агенција за разузнавање на прашањата на КОД.

Во одговорот на конкретно прашање немаше детали за Палевски, но имаше дека соработуваат со надлежни домашни и странски институции што наведува на заклучок дека службите или располагале или добиле од странство податоци за активностите на Палевски и на партијата.

Од обвинителството и од полицијата не сакаа да ги коментираат информациите за добивање на разузнавачки информации во истрагата правдајќи се со тоа што се уште е активна.

Среде бегство добил пари од Швајцарија

Дополнително, КОД успеа да потврди уште една информација дека Палевски преку сервис за брз трансфер на пари добил финансии од Швајцарија, од приватно лице. Парите, Палевски ги подигнал во Белград каде иако не бил осомничен за убиствата на Вања и на Панчо, го почнал бегството пред да стартува полициската акција против убијците.

Информацијата од српските служби била проследена во Македонија каде се проверуваат и други трансакции поврзани со него. Потоа парите добиени од Швајцарија со брз трансфер, ги искористил за да замине од Белград и Србија без проблеми. Нема информации со кого се сретнал во Белград каде одел често наводно на лекар како што тврдеа и неговите соработници.

Палевски се упатил во градот Баликесир затоа што еден од неговите соработници имал бизнис врски со фирма на каменорезец од овој турски град. Таму живеел со швајцарските пари, а за нивниот испраќач се истражува какви конекции имал и со Палчо и со неговите идеи.

Партиски активности како продолжение на невладина медиумска активност

Партијата на Палевски се уште постои иако министерот Спасовски уште по апсењето на првоосомничениот наведе дека такви политички организации со несоодветни идеи и активности како убиства и криминал треба да бидат распуштени.

Партијата Десна има повеќе од илјада членови согласно она што е пријавено при регистрацијата во граѓанскиот суд лани во декември. Палевски Палчо оваа година имал и преписка со државниот завод за ревизија кога му било побарано да достави завршна годишна финансиска сметка.

Палевски прашувал како да достави извештај кога партиската сметка ја отвориле во Новата 2023-та Година, што значи дека цел месец биле регистрирани како партија, а немале сметка како што налага законот за политички партии. Во овој закон е регулирано дека за престанок на политичка партија одлука носи Граѓанскиот суд, со малку невообичаена одредба дека тоа се прави по барање на надлежен јавен обвинител, кој е надлежен за кривични дела.

Обвинителот може да бара и забрана на партија доколку таа повикува на насилно уривање на уставниот поредок,  поттикнува или повикува на воена агресија или разгорува национална, расна или верска омраза.

Од обвинителството не одговорија на прашањето на КОД дали некој побарал гаснење на Десна или веќе почнале постапка откако партискиот лидер стана главен осомничен за две убиства.

Политичката партија всушност ја наследила невладината организација „Десна Република“. Имињата на осомничените се на листата основачи на оваа невладина која се регистрирала на адрерса во скопската адвокатска уличка со цел со повеќе цели од медиумската област.

Креирање на средина во која ќе се поттикнува, почитува и создава медиумското информирање и медиумската писменост, стои во нивниот статут, а меѓу целите се обуки за информирање и за медиумска писменост што подразбира борба против дезинформации.

Невладиниот тим на Палчо навел и дека ќе се занимаваат со истражувања и обуки за проширување и надградување на теми кои се однесуваат на националните Македонски интереси и позицијата на Македонците во општеството, а предвиделе и соработка со слични организации и во државата и во странство.

Невладината организација е отворена преклани во декември, кога немале илјада потписи за да формираат партија, но подоцна успелае да обезбедат толку партиски членови и во декември 2022-ра ја регистрираат партијата Десна.

Таа сега е со лидер кој е во екстрадициски притвор под сомнение за две убиства и далеку од целите на една политичка партија или невладина организација.

Миомир Серафиновиќ

Емисијата на КОД, „Прецизен план за убиство на Вања и бугарска „добивка“ во Скопје“ беше емитувана на ТВ Телма, на 24.12.2023.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Вин Вин 02.05.2024

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе