Обвинителството го измени диспозитивот на обвинителниот акт за случајот “Трезор”, во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Наместо за злоупотреба на службената положба, обвинителот Пеливанов побара обвинетите да се судат за пречекорување на границите на своите службени овластувања.
Според одбраната, обвинителство со ова врши прогон на обвинетите и се обидува на било каков начин и незаконски да го спаси обвинението, што за адвокатите е поткрепено со фактот што во овој предмет веќе има првостепена пресуда.
Случајот „Трезор“ е единствениот останат предмет за кој му се суди на Мијалков. Со измените на КЗ, кривичното дело кое е опфатен случајот Трезор застарува наредната година. Доколку до тогаш не заврши судскиот процес, Мијалков повеќе нема да биде гонет.
Но, според новото кривично дело за пречекорување на границите на своите службени овластувања, казната затвор е од 6 месеци до 3 години, што е помалку од претходното кривично дело за кое беше гонет, злоупотреба на службената положба, каде можеше да добие затворска казна од 6 месеци до 5 години.
Предметот “Трезор” се однесува на начинот на набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија.
