Обвинителството го преквалификуваше кривичното дело во предметот „Трезор“. Поранешниот директор на УБК и првообвинет, Сашо Мијалков, сега се соочува со полесно обвинение, затоа што според кривичното дело кое му се става на товар од членот 353, став 4, казната затвор е една до пет години.
Ова следува по неполни два месеци од измените и дополнувањата на Кривичниот законик.
„Согласно измените и дополнувањата на Кривичниот законик, вршам измена во однос на правната квалификација на кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите. Во диспозитивот на обвинителниот акт наместо зборовите „ја искористиле службената положба и овластување“, да стојат зборовите „презеле службено дејствие со кое ги пречекориле границите на своите службени овластувања“, вели јавниот обвинител, Трајче Пеливанов.
Ова не е прецизирање на обвинителниот акт, туку практично ново обвинение, смета одбраната на поранешниот прв човек на УБК.
Адвокатите на Мијалков сметаат дека Обвинителството врши прогон на обвинетите. Прашуваат како може сега без никакви аргументи и само поради тоа што е изменет законскиот текст да се измени дејствието на извршувањето на кривичното дело, само за истото да влезе во калапот на изменетиот Кривичен законик.
„Обвинителот бидејќи во кривичната постапка тргнал со обвинение дека Сашо Мијалков ја искористил својата службена положба и овластување, а дејствието на извршување на ова дело во став 1 од член 353 како дејствие веќе не претставува обележје на кривично дело, со цел да го спаси обвинението му става друго дејствие на извршување, а тоа е „пречекорување на неговото службено овластување. Ова е флагрантно кршење на законот. Мене навистина не ми е јасно од кои причини јавниот обвинител не даде предлог до Судот да биде запрена кривичната постапка поради апсолутна застареност односно поради тоа што нема елемент на кривично дело за кое се гони по службена должност“, смета адвокатот Љупчо Шврговски.
Предметот “Трезор” се однесува на начинот на набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија.
Овој случај е и единствениот останат предмет за кој му се суди на Мијалков. Со измените на КЗ, кривичното дело застарува за десет години од сторување и според анализите тоа треба да се случи наредната година, ако дотогаш нема правосилна пресуда.
Следното рочиште за случајот „Трезор“ е закажано за 24 ноември, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Петар Догов
