Вести Код Македонија

КОД: Најголемиот донатор на ДУИ, Еуровиа, издаде дуќан на Државна лотарија водена од директор на ДУИ

На донаторот на ДУИ му падна бинго кај директорот на ДУИ

Прав од градежни работи, подготвен, но се уште не ставен натпис кој со ознаката повикува на среќа и богатство, поглед на булевар, во центар на Скопје и на стотина метри од Соборниот храм. Ново казино се подготвува, а натписите јасно укажуваат дека објектот ќе биде на Државна Лотарија.

Државна Лотарија е во државна сопственост, но однесувањето и расфрлањето со државни пари асоцира на исполнување на приватни интереси. Се наоѓа во зградата на МТВ.

За лани нема прецизни податоци колку граѓани заработиле од игрите на среќа на Државна Лотарија, но профитот е познат, изнесувал над 475 милиони денари односно над 7 и пол милиони евра.

Директор на компанијата која е акционерско друштво со еден акционер, Републиката, е роден во 1993-та година, а 30-тиот роденден го прославил на директорска позиција.

Се вика Перпарим Бајрами, од Куманово, а во неговата биографија се наведени повеќе позиции и ангажмани во државната администрација, но и едно вработување во приватен сектор. Работел и во Собрание и во Министерството за политички систем и сега ја води Лотарија.

Со негов потпис се реализирани повеќе договори за изнајмување на објекти, а кога ги регистриравме градежните работи во центарот на Скопје утврдивме една сериозна конекција. Политичко-тендерска.

Во објектот на булевар Свети Климент Охридски број 52 на приземје со години се наоѓаше деловен простор кој се изнајмуваше. Овие снимки се од лани кога КОД истражуваше за врската преку која луѓе од Венецуела се обиделе да исперат 110 милиони евра преку банка во Македонија. Венецуеланците се исслени со нивните фирми од првиот кат, а под нивните канцеларии тогаш стоело се изнајмува.

Сега натписот е скратен. Внатре се подготвува ново казино, а зградата во центарот веќе е брендирана. Има интензивни градежни работи, внатре се ставени нови апарати, повиците за потрага по среќа се донесени. Но кога едно утро го посетивме местото немаше никој. Испративме прашања до Лотарија, за тоа чиј објект изнајмиле во центарот на Скопје, за колку пари, за колку време и како.

Но, од жители и кираџии во зградата ни беше шепнато дека дуќанот пред неколку години бил купен од некој политичар и функционер.

Државна лотарија кираџија на Еуровиа-донаторот на ДУИ

Главната трага стигна од базата на податоци на Катастарот. Во еден имотен лист стоеше познато име. Еуровиа, фирма која е изведувач на градежните работи за самитот на ОБСЕ, тендер добиен во МНР раководено од Бујар Османи од ДУИ. Дополнително Еуровиа лани била најголемиот донатор токму на ДУИ, а иако беа  прекршил законите со недозволено политичко финансирање, ниту партијата, ниту фирмата ниту сопственикот не се казнети или процесуирани. Но, во дата базата на катастар не можеше да се најде точен податок дали објектот на Евровиа и е издаден на Лотарија. Дополнителна потврда дека во зградата, Еуровиа има деловен простор стои и во нивната влошка, уште во 2017-та година истиот имот е даван како залог за кредит во банка.

Сепак конечната потврда стигна од самата Еуровиа. На нивниот сајт стои дека во зградата издаваат два деловни простор, еден од 95 квадрати во приземје, и поголемиот од 139 квадрати во подрум.

Но кога се јавивме таму, ни кажаа дека дуќанот од 95 квадрати е издаден на Лотарија.

 

Еуровиа и сопственикот Адеми лани донирале пари на ДУИ и биле најголеми донатори, а откако се прочу дека ги прекршиле законите, партијата од Мала Речица во јуни оваа година вратила дел од парите, но не сите. Туку само она што е над законскиот максимум за донација од лице или фирма.

А Еуровиа веќе вршела неколку јавни работи на тендери. Што исклучува секаква законска можност таа компанија да биде донатор на партија, за што во обвинителско-судската пракса веќе имаме сличен случај со Белата Палата на ВМРО-ДПМНЕ. Но, од ДУИ засега никој не е јавно осомничен, а уште помалку обвинет за донацијата на Еуровиа.

Еуровиа оваа година до август има добиено веќе три големи тендери, покрај од МНР за самитот на ОБСЕ и од МВР раководено од Оливер Спасовски од СДСМ и од Државни патишта раководени од Ејуп Рустеми од ДУИ.  Пред крајот на годината има нова добивка, без тендер, на оглас, и тоа директно од Државна Лотарија, раководена од Перпарим Бајрами од ДУИ.

Според сознанијата за Телма, за овој простор од 95 квадрати, Лотарија наредните 5 години ќе плаќа по околу 3.500 евра месечно кирија. Или вкупно за зделката, ланскиот рекорден донатор на ДУИ, Еуровиа ќе добие 210 илјади евра.

Вакви зделки, кога како близок на партиски функционер или на партија на влас, изнајмуваш деловен простор на државата или од неа не се непознати во македонската пракса. Големи кирии, сигурни исплати од буџетот постојано, профит без напор. Но, поради законски дупки, не може ниту да се санкционираат, ни објаснува Слаѓана Тасева, од Транспаренси Интернешнл- Македонија.

„ОТВАРААТ НОВИ ОБЈЕКТИ. ЗБОРУВАМЕ ЗА ТИПОЛОГИЈАТА НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ВО СФЕРАТА НА ИЗНАЈМУВАЊЕ НА ПРОСТОР, ГРАДЕЊЕ НА ПРОСТОРИ КОИ ПОНАТАМУ СЕ КОРИСТАТ ЗА КАЗИНА И ТУКА МОЖЕ ДА ДОЈДЕ ДО СИТУАЦИЈА НА НЕСООДВЕТНО ФАКТУРИРАЊЕ ИЛИ ИЗДАВАЊЕ ВНАТРЕ ВО ЕДЕН ЗАТВОРЕН КРУГ НА ЛИЦА, КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ ПОЈАВУВААТ ПАРИ КАКО ПАРИ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ КОИ МОЖЕ ДА БИДАТ НЕКОИ СРЕДСТВА КОИ ПОТЕКНУВААТ ОД НЕЗАКОНСКИ ДЕЈСТВА. НЕМА РЕГУЛАТИВА КОЛКУ МОЖЕ ДА ЧИНИ ЕДЕН ПРОСТОР КОЈ СЕ ИЗНАЈМУВА ВО СОСТОЈБИ КОГА СТАНУВА ЗБОР ИНВЕСТИРАЊЕ НА ДРЖАВНИ ПАРИ“, СМЕТА ТАСЕВА.

Но, изнајмувањето на објектот во центарот на градот од страна на Лотарија е само дрско буткање на прст во очи и покажување неказнивост. Поголемата зделка е направена за зграда во Визбегово, во која до скоро се фрлаа бидермаери и се правеа свадби. Овој објект како можно ново седиште на Лотарија е изнајмена за 2, 6 милиони евра за една деценија.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во изданието на емисијата КОД „Партиска добивка во Лотарија, Синџир со багерист-бос за финансиски криминал“ емитуван на 05.11.2023.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, кон крајот на денот локална нестабилност – Временска прогноза за 18.5.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе