Блокадата на изборниот законик останува, партиите не ги приближија ставовите, но продолжија со меѓусебните обвинувања – кој создава простор за изборен грабеж, а кој свесно ги блокира реформите? Додека траат препукувањата, со свој став денеска се јави собранискиот спикер Африм Гаши.
Претседателот на Собранието јавно ги повика координаторите на пратеничките групи да ги надминат партиските бариери и да постигнат компромис за Изборниот законик, за да можат иселениците да си ја искажат изборната волја по електронски пат. Гаши додава дека идејата му се допаѓа и како модел за во Македонија.
„Принципиелно и воглавно јас сум за електронско гласање на дијаспората, дури сум и за тоа да се воведе електронско гласање и кај нас. Но, тоа е мое лично мислење. Мислам дека треба да се овозможи секој граѓанин кој има право на глас да може да гласа електронски. Тоа е пракса во други држави. Ако веќе плаќаме сметки во банка, тогаш не гледам проблем. Сум прашал ИТ експерти дали може да се обезбеди приватност и безбедност при гласањето, ми тврдат дека може. Но, нѝ треба политичка волја. Мислам дека најдобро место за да се разговара за оваа тема е во работната група”, кажа претседателот на Собранието, Гаши, на денешниот брифинг со медиумите.
Опозицијата денеска со нов предлог – бараат Државната изборна комисија со консензус да го регулира гласањето на дијаспората. Социјалдемократите се на став дека откако не поминал обидот за електронско гласање, сега се форсира гласање по пошта без соодветни заштитни механизми. Од партијата велат дека не се против гласањето на дијаспората, туку против начинот на кој се обидува да се спроведе.
„СДСМ не е против дијаспората да гласа, дијаспората гласа и сега. Тоа е лага на ВМРО. Но, сме против начин на гласање кој не обезбедува сигурност, транспарентност и заштита на изборната волја. Предлогот електронското гласање да се замени со гласање по пошта, без Државната изборна комисија да има можност со консензус да ги утврдува правилата и механизмите на контрола, не ја подобрува демократијата во изборниот процес. Власта треба да се откаже од овие намери, да се повлече и да се достави предлог ДИК со консенсуз да може да го регулира гласањето на дијаспората“, вели Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Од опозициските редови и Левица со порака дека најголема измама на која власта инсистира е дека електронското гласање на дијаспората е најважното прашање за македонската демократија. Од партијата велат дека копјата треба да се кршат околу прашањето за една изборна единица.
Од ЛДП, пак, бараат јавно да се објават сите записници од работната група за измени на Изборниот законик, како и сите поднесени предлози и амандмани – велат сè нека се стави на увид на јавноста, па граѓаните самите да видат кој фабрикува реалност.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска стигна одговор до СДСМ и Левица. Од владејачката партија со оценка дека СДСМ се плаши од изборен пораз, а Левица сака да профитира и тоа е причината за блокадата на Изборниот законик.
„Едноцифрените рејтинзи на СДС, но и на Левица ги доведуваат до стадиум на избезумување и спроведување на политики со негативни последици по двете партии. Со ваквата блокада се доведува во прашање исполнувањето на реформските обврски на државата. Токму затоа и Европската унија повика на консензус и на навремено донесување на Изборниот законик. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Изборниот законик треба да биде донесен со широк политички консензус, во интерес на државата, реформите и обезбедувањето на можност македонската дијаспора да го оствари своето право на глас по електронски пат“, вели Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Извори од мнозинството брифираат дека утре повторно ќе се одржи средба на работната група. Ова тело кое работи на реформи на Изборниот законик беше формирано на трети март годинава, на четири месеци пред истекот на рокот. Првичниот рок за носење на законот беше 30 јуни лани, грејс-периодот помина пред шест дена, но власта калкулира дека со евентуално носење до 15 јули ќе може да ги побара четирите милиони евра.
Петар Догов
