Вести Македонија

Почна кампањата во блокот партии на Албанците

Големи партиски собири, средби со граѓани во градовите и селата и пораки таргетирани до одредени целни групи. Македонија веќе е во кампања, иако никој не знае кога точно ќе бидат изборите и дали истовремено или одделно ќе гласаме за претседател и за пратеници.

Во блокот на Албанците се консолидира неколкупартитна предизборна коалиција. За неколку месеци, новоформираното Демократско движење, БЕСА и Алтернатива одлучија соработката да ја издигнат во заеднички предизборен настап. Најавуваат заеднички кандидати, единствена програма и цврста намера да ја урнат доминацијата на ДУИ. Се нарекуваат „Европски сојуз за промени“, покажувајќи дека бескомпромисно се за евроинтеграции.

Уште пред неколку месеци, со дебати и изјави и ДУИ афирмираше „Фронт за Европа“. Но викендов, потсети на еден поинаков фронт во кој воено учествуваше 2001-та. Спомен плочата и музејот во Сопот им оддаваат чест на загинатите во 44-та, но и на борците во УЧК кои дејствувале на една поголема територија, што ги опфаќа и Приштина и Тирана и Скопје.

ВМРО ДПМНЕ се сомнева дека ДУИ ќе води кампања со националистички провокации за да ги избегне темите поврзани со криминал.

-Секогаш кога ДУИ се фатени во кражба, тие веднаш вртат на национални теми, односно на национализам и шовинизам. ДУИ веќе е во кампања. Во наредниот период ќе има вакви провокации. Колку се тие провокации националистички поголеми, бидете свесни дека повторно некој тендер се решава во четири очи и дека повторно се пљачкаат македонските граѓани, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ДУИ смета дека ВМРО ДПМНЕ се обидува да поттикне меѓуетничка омраза од политички причини. За безвредни ги смета и најавите дека не би коалицирале со нив во некоја идна Влада.

-Овој начин на создавање меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи за политички поени е премногу ризичен за една мултиетничка демократија каква што е Северна Македонија. На ВМРО ДПМНЕ може да им кажам само дека додека се тука ДУИ и Ахмети – на Албанците нема ниту влакно да им фали. Сите тие закани се безвредни, изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи.

Османи го осуди национализмот, но не ги видел и слушнал националистичките пораки што ги упатија навивачите на Шкупи на синоќешниот натпревар со Вардар. „Ќе го исполниме историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија“, испишаа на една од паролите.

Ова можеби не е директно поврзано со изборите, но може да биде порака за партиите да го избркаат национализмот  од изборните програми на кои веќе интензивно работат.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе