Макс Ферстапен дојде до 17-тата сезонска победа во Формула 1 отако вечерва славеше на трката за Големата награда на Бразил. Со денешното славје само го подобрува рекордот за најмногу победи во една сезона, а до крајот има уште две трки.
Возачот на Ред Бул и денеска во Сао Пауло на патеката „Интерлагос“ беше недопирлив за конкуренцијата и дојде до триумфот пред Ландо Норис од Мекларен. Место на подиумот имаше и за ветеранот Фернандо Алонсо во болидот на Астон Мартин, откако го престигна Серхио Перез во последниот круг. Ленс Строл финишираше како петти, а поени освоија и Карлос Сајнц, Пјер Гасли, Луис Хамилтон, Јуки Цунода и Естебан Окон. Интересно, трката заврши за Шарл Леклер уште пред да почне, бидејќи возачот на Ферари излета уште при формацискиот круг.
До крајот на сезоната има уште две трки, а следната е на 18 ноември за Големата награда на Лас Вегас, а финалето е во Абу Даби една недела подоцна.