Вести Економија

Цената на храната останува „под мраз“ до Нова година – продолжена одлуката за гарантирана цена

Нефер практиките во трговијата догодина ќе се регулираат со закон, а загарантираната цена за одредени производи останува до крајот на годината. Одлуката изгласана на владина седница ја соопшти министерот за економија.

Со тоа, наместо до крајот на ноември, одлуката ќе биде со важност до Нова година.

Властите на 19 септември ја донесоа одлуката за загарантирана цена, а ја базираа на тоа дека со вакви мерки инфлацијата до крајот на годинава би паднала на 4 до 5 отсто.

„Имајќи предвид дека веќе е подготвен финалниот текст на Законот за нефер трговски практики кој треба за кратко да биде испратен во собраниска процедура, а нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе биде и усвоен од страна на пратениците, одлучивме мерката за намалување на цените и ознаката „загарантирана цена“ да продолжи до крајот на годината. Наместо до 30 ноември истата ќе важи до крајот на годината“ изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Покрај замрзнатите цени, на трговците им се овозможува да прават акции и промоции за да им се овозможи дополнително да ја намалат цената на одредени производи.

Кога во септември се носеше одлуката на владина седница, од Организацијата на потрошувачи посочија дека не треба да се укинат „акциите и промоциите“ низ маркетите затоа што со тоа купувачите се доведуваат во понеповолна положба.

„За да нема забуни во делот на трговијата, денес со предлог на Министерството за економија ја укинавме одлуката во делот на акциите имајќи предвид дека одредени трговци на мало ја толкуваа претходната одлука како неможност за давање акции или промоции. Сега и дистрибутерите и производителите ќе можат да организираат такви акции и промоции, со цел да ги намалат цените за нашите потрошувачи“ додава Бектеши.

Замрзнатите цени се за 10 отсто пониски од оние кои важеле на први август. Се однесуваат на неколку видови леб, бисквити, наполитанки, јогурт, јајца, млеко, тестенини, овошје, зеленчук, сирење и дел од месните производи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – Изборна хроника 04.05.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе