Вести Економија Топ вести

Оптимизам кај власта – Платите растат побрзо од поскапувањата

Замрзнувањето на цените на храната дава резултати, се пофали министерот за економија. Инфлацијата се намалува, а платите почнаа да растат побрзо од поскапувањата, вели министерот за финансии.

Министерот Крешник Бектеши очекува новите антикризни мерки да бидат усвоени до крајот на месецов, но не соопшти што ќе содржат.

Владата пред еден месец донесе одлука за поевтинување и замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Замрзнувањето важи до крајот на ноември.

  • „Мерките даваат одличен резултат и јас сум убеден дека некаде до 10 ноември ние ќе ги имаме целосните анализи за сите производи во одлуките и навремено, минимум 15 дена пред истекот на рокот, и граѓаните и компаниите ќе бидат известени. Во случај да видиме дека треба да бидат продолжени, најверојатно ќе бидат продолжени, минимум до крајот на годината“, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Замрзнувањето беше донесено, зашто владата процени дека трговците неоправдано се богатат на грбот на граѓаните. За да го спречат тоа најавија донесување Закон за нефер трговски практики, кој треба да биде донесен наредниот месец.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека инфлацијата се намалува, а платите од април почнаа да растат побрзо од поскапувањата. Инфлацијата во октомври минатата година достигна скоро 20 отсто, а во септември годинава се намали на 6,6 отсто. Бесими очекува да продолжи да паѓа.

  • „Платите влијаат врз трошоците, трошоците влијаат врз цените, цените влијаат врз стандардот и обратно. Тоа е тој маѓепсан циклус, што е економски ризик кога има инфлација, тоа да не стане инфлациона спирала. Ние во исто време менаџираме тоа да се стабилизира, веќе од април се гледа дека платите не растат само номинално, туку и реално, зашто инфлацијата се намалува, а номиналните плати растат, што значи и реално платите растат“, вели Бесими.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска вели дека инфлацијата навистина забавува, но оти се потребни внимателни политики, зашто има многу предизвици во глобалното опкружување.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе