Вести Македонија Најважни

Постојат ли и дигитални докази за тајната оска на ДУИ и Груевски за амнестија преку кривичен законик?

Приказната за тајните средби за измените на Кривичниот законик кој донесе своевидна амнестија за функционерите-криминалци доби и дигитална димензија. Ја внесе опозицискиот лидер кој во интервју за Алсат, на прашање кој од ДУИ тајно преговарал со неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговори со ново тврдење. За УСБ-а.

-Прашајте ги Али Ахмети и Талат Џафери какви УСБ-а добиле пролетта 2022-ра. Што има во нив, прашајте ги нив, рече Христијан Мицкоски,претседател на ВМРО-ДПМНЕ  во интервју за Алсат.

Опозицискиот лидер ниту денеска во Брвеница не даде повеќе детали, освен дека во тие УСБ-а имало два од три документи.

-Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи тие ги добиле два од трите документи, нагласи Мицкоски од Брвеница.

Параламентарниот претседател Џафери во телефонски разговор за Телма ги негираше овие тврдења на Мицкоски и ги прогласи за шпекулација со дневно-политичка употреба.

-Апсолутно неточно. Чиста шпекулација за дневно политичка потреба. Ниту имам потреба да добивам ниту да примам било какво УСБ. Ако има нешто нека докаже. Пред кого сака, пред Господ, пред Алах, пред држава, нека почнат постапка и нека докажат дека Талат Џафери примил УСБ. Чиста шпекулација, ни изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.

Дали тие дигитални уреди ќе бидат презентирани во јавноста и дали содржат детали за измените на кривичниот законик, засега без одговор од Мицкоски. Од друга страна Изет Меџити, пратеник, порано од ДУИ, а сега лидер на Демократско движење обвини дека на денот на Европа, Пендаровски имал тајни средби во својот кабинет на која се разговарало за амнестија на Груевски. Пендаровски од Њујорк во интервју за МТВ негира.

-Во мојот кабинет, никогаш немало моја средба со никого, со ниту еден политички актер или неполитички актер, на која е договарана амнестија за Никола Груевски. Бидејќи мојот став, за помилување станува збор, за евентуално помилување на Груевски сум го кажувал со години, е дека нема тоа да го направам. Во однос на конкретната изјава на г-динот Меџити, тоа ме чуди бидејќи се работи за искусен политичар и се познаваме лично. Можел тоа да го провери и кај мене. Спомнува за наводната средба кај мене дека наводно се одржала на 9-ти мај. Проверувам во календарот кај мене. Освен стандарден работен состанок со моите вработени, точно во 12 часот на 9-ти мај кај мене во кабинетот бил само г-динот Африм Гаши. И се разбира дека не сме разговарале за помилувањето на Груевски, истакна претседателот Стево Пендаровски во интервју за МТВ.

Измените во Кривичниот законик со кои многу криминални дела ќе му „паднат“ на Груевски и бегалецот во Будимпешта нема да одговара за нив, ги отворија сомнежите дека таа операција се прави во склоп на договарањето за уставните измени.

Груевски од азил во Орбанова Унгарија негира и отвори војна со Мицкоски. Избеганиот поранешен премиер прозва и неколку актуелни високо позиционирани функционери во партијата, дека секогаш за сопствена функција и ќар се ставале во служба на оној што е претседател оговарајќи ги претходните лидери на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ пак коментира дека опоаизцијата се распаѓа и треба да си реши во својот двор кој е полош, Груевски или Мицкоски.

-Серијата препукувања, обвинувања и дворски игри во Белата палата покажуваат колку се длабоки внатрепартиските проблеми во ДПМНЕ. Факт е дека Христијан Мицкоски е бледа копија на Никола Груевски. И неговата политика на блокада на европскиот пат е исто така само копија на оригиналот. Мицкоски со денови не одговара за барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него внатре во неговата партија, соопштија од СДСМ.  

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат и тврдат поседуваат докази за валканата игра со кривичниот законик и застарувањето на делата на функционерите, се во интерес на политиките на владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе