Вести Македонија

Стејт департмент: Корупцијата ги поткопува стратешките амбиции на земјата

Намалените казни за делата злоупотреба на функција и злосторничко здружување предизвикаа некој вид опомена од американската администрација. За Гласот на Америка, прес службата на Стејт Департмент изјавила дека „корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија“.

 

-Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите мора да покажат силни, опипливи антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичко мешање, особено во судството. Тоа е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во Владата, велат од Стејт Департмент.

 

За ВМРО ДПМНЕ, ова е потврда дека со измените на Кривичниот законик, власта изгласа амнестија за своите функционери.

 

-Ова е само уште еден доказ за тоа што со денови го тврдиме, дека СДСМ и ДУИ или – ДУИ и СДСМ, вон процедура, надвор од логика, изгласаа амнестија за себе и за бројните неказнети криминали и коруптивни скандали, плашејќи се од изборите и она што ќе следи по изборите. Едно ќе ветиме, а тоа е дека одговорност ќе има за сите, рече портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски.

 

Јавната дебата што се отвори по експресното менување на Кривичниот законик е особено силна на социјалните мрежи. Двајца политичари меѓусебно се обвинуваат за политичко пазарење во Будимпешта, споменувајќи ја како град во кој избега експремиерот Никола Груевски. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, му постави неколку прашања на вицепремиерот Артан Груби.

 

-Дали е точно дека имало средба меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ и дека е одлучено да се бара помош од Будимпешта? Дали лице за контакт е Груби? Дали е точно дека за помошта од Будимпешта, побарано е закон за амнестија (измени на Кривичен законик) и обезбедување дополнителен број пратеници за уставни измени?, напиша Максим Димитриевски на ФБ.

 

Два дена порано, Димитриевски во ТВ интервју го праша Груби како поминал во Будимпешта, на што тој одговори:

 

– Максо, не ти личи да лажеш и да се резилиш јавно. Знам дека е поразително, но јас во Будимпешта не сум бил никогаш во животот и со никого не сум се сретнал. Но ај кажи искрено дали ти во Будимпешта договори ВМРО ДПМНЕ да ти ги даде гласовите за избор на градоначалник на последните локални избори?, одговори вицепремиерот Артан Груби на ФБ.

 

Вчера, премиерот Димитар Ковачевски ги отфрли обвинувањата дека измените на Кривичниот законик се резултат на некакви пазарења. Демантира дека значат помилување или нечија амнестија. Смета дека сега се конкретизираат кривичните дела, се овозможува поголема ефикасност на судските постапки и проширена конфискација.

 

Но универзитетскиот професор по кривично право, Миодраг Лабовиќ, не верува дека тоа ќе ја дестимулира високата корупција. Сугерира баланс меѓу три елементи: висина на казните, ефикасност во спроведувањето на кривичното право и конфискација.

 

Со негативен став излегоа и голем број други истакнати правници. Коалицијата „Сите  за правично судење“ пресмета дека со последните измени на Кривичниот законик, донесени со европско знаменце за само два дена, ќе застарат 14 судски предмети во кои се обвинети 80 лица, меѓу нив и високи поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ: ТНТ, Талир, Трезор, Титаник, Тендери, Шпански скали, Таргет-Тврдина и други.

 

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски предлага тет-а-тет средба со Путин за завршување на војната во Украина

Дејан Дејан

Мерц и Макрон со нон-пејпер за Западен Балкан

Tea Dimkovska

Мехмети: Граѓаните очекуваат политики, а не отворање базени

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе