Вести Македонија Најважни

ПОА на Вранишковски ќе добие епархии – Синодот на МПЦ едногласно донесе одлуки, но црквата засега не дава детали

Православната охридска архиепископија и Македонската православна црква ќе се спојат и ПОА на Вранишковски ќе добие епархии. Денес не е постигнато конечно решение на седница на Синодот, но некаков резултат веќе има затоа што едногласно се донесени одлуки од страна на присутните архиереи.

Припојувањето е неминовно за да се заокружи автокефалноста на МПЦ и формално-правно да згасне ПОА.

Според тоа, за решението да стане конечно, потребно е најпрво владиците на ПОА на Соборот на СПЦ во мај да бидат отпишани од Српската православна црква, пред да се припојат во Македонската православна црква, да бидат признаени и да им бидат доделени епархии.

„Бидејќи одлуките главно се носеа едногласно и без никакви издвојувања, денес започна процесот за интеграција на ПОА во Македонската православна црква. Донесени се неколку одлуки меѓутоа сѐ уште не можеме да ги споделиме со севкупната јавност, како македонската така и останатата бидејќи истите треба да ги усогласиме со Српската православна црква. Откако ќе ги усогласиме, тогаш и вие ќе бидете информирани“, рече Г. Тимотеј, Митрополит Дебарско-Кичевски.

Детали за поделбата на епархиите нема, но во медиумите веќе се шпекулира како би се извела истата. Јован Вранишковски, кој сега има титула архиепископ Охридски и митрополит Скопски треба да ги добие на управување Демир Хисар и Крушево, заедно со Нижеполе, каде веројатно ќе биде седиштето на новата Епархија.

Во првичниот договор во опција е и Ресен, но овој град засега е спорен поради противењето на Владиката Петар.

Јоаким, кој во ПОА има титула Полошко-кумановски, се шпекулира дека ќе добие на управување нова епархија од Кумановско-осоговската со која сега управува владиката Григориј. Според сценариото, Јоаким би управувал со делот на Илинден, Делјадровце и до границата со Србија.

На епископот Стобиски Давид може да му биде понудено нова епархија во Скопско, во околината на Сопиште. Другата опција е да биде викар на Јован.

Припојувањето на ПОА при Македонската православна црква е услов поставен од страна на СПЦ, за да ја признаат автокефалноста на нашата црква, откри Владиката Петар во вчерашната Топ Тема.

„На барање на патријархот на Српската православна црква, господин Порфириј, беше оставено да се решава откако се доби автокефалноста од нивна страна односно откако нам нѝ е доделен автокефален статус. И нормално, сега на ред доаѓа да се реши тоа прашање бидејќи не е нерешливо“, рече Г. Петар, преспанско-пелагониски митрополит.

Предводникот на Православната Охридска Архиепископија, Јован Вранишковски лани во мај, во храмот „Свети Сава“ во Белград беше дел од црковната делегација на СПЦ кога се одржа заедничка литургија со владиците на МПЦ.

На заедничката литургија, тој имаше и свое обраќање на српски јазик и со тоа го најави крајот на, како што рече, служењето литургии по приватни куќи, а со самото тоа и крај на меѓусебниот раскол.

Црквата на Јован Вранишковски од 2002 година делува во единство со СПЦ и како дел од неа сослужуваше со речиси сите цркви од православниот свет.

Тој по долги години затвор заради финансиска проневера тешка 250 илјади евра, беше ослободен во 2015 година. Честопати неговото ослободување беше условувано од страна на СПЦ, за продолжување на дијалогот со МПЦ.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе