Верниците од исламска вероисповед денеска го слават светиот празник Рамазан Бајрам со кој завршува едномесечниот пост .
Според традицијата, по утринската молитва, муслиманите се поздравуваат, ги посетуваат родителите и постарите роднини, ја покажуваат својата почит бакнувајќи им ја раката, бараат прошка и се помируваат.
На децата им се даруваат ситни пари и подароци, а трпезата е полба со слатки и традиционална баклава.
Некаде верниците ги посетуваат и гробиштата каде читаат погребни молитви за своите починати роднини.
Тоа е празник на прекин на постот во чест на крајот на постот во месецот Рамазан – деветтиот месец од муслиманската година (хиџра).
Празникот се слави од 624 година. Нема фиксен датум, бидејќи хиџра во суштина е лунарен календар кој брои точно 12 вртежи на Месечината околу Земјата и има 354 дена. (33 хиџри години сочинуваат 32 соларни години.)
Едномесечниот пост (саум) е многу сериозен тест за муслиманите, бидејќи бара целосно воздржување од храна, пијалоци, односи и пушење од утро до зајдисонце (ифтар).
Поглаварот на Исламската верска заедница упати честитки до сите муслимански верници. Во својата порака Реисот Фетаи повика на солидарност со сиромашните, бездомниците и сирачињата.
„Во овие празнични денови насекаде се подава рака на милосрдието бидејќи овој празник буди радост и среќа во нашите семејства и во нашите срца, ја зајакнува меѓучовечката љубов. Но, во овие среќни празнични денови, Рамазан нè учи да не ги забораваме нашите луѓе кои имаат потреби: сиромашните, бездомниците, сираците, но и нашите исламски институции. Затоа, на крајот на Рамазан сме обврзани со делење на садакатул фитр, како што нè информирал Пратеникот на Алах дека со делење садакатул фитр го прочистуваме нашиот пост од евентуални пропусти. Со еден збор, Фитр Бајрам е триумф на доброто над злото, на духовното над материјалното, на моралот над неморалот, на трпението над нетрпеливоста, на божественоста над сатанското. Сето ова нè прави да бидеме луѓе од акција, луѓе кои повикуваат да се негуваат и прават добри дела и луѓе кои го спречуваат она што е лошо“, порача реисот Шаќир Фетаи, Поглавар на Исламската верска заедница.
Во Македонија Рамазан Бајрам е прогласен за државен празник.
