Доктор Михајло Вангелов е гинекологот кој е казнет со парична казна поради пропусти во третманот на родилката чие новороденче почина во битолската болница непосредно по породувањето. Тој е истиот гинеколог кој во јануари 2021 година и дозволи на својата сопруга од Србија да врши царски рез во клиниката, иако таа не била вработена и немала дозвола за работа во земјава, пишува Либертас мк.
Според порталот Вангелов е и советник во Советот на Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според наводите во текстот во 2021 година Вангелов бил суспендиран заедно со д-р Гоце Чакаровски, кој е поранешен заменик министер за здравство. Против нив беше покрената и кривична пријава.
Вангелов се товареше за две кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. За истите кривични дела се товареше и Чакаровски, а против сопругата на Венгелов беше поднесена кривична пријава за надрилекарство.
