Вести Македонија Најважни

Дел од македонските спасувачи синоќа се вратија дома – раскажуваат за илјадниците мртви во земјотресот во Турција

Дел од македонските спасувачи кои учествуваа во спасувачките акции по разорниот земјотрес во турција се вратија дома. Први пристигнаа осумте пожарникари од Струмица, кои се вратија синоќа на полноќ.

Според Вернер Стоилов, водач на тимот за урбано пребарување и спасување, тие во градот Адијамен рамо до рамо работеле со преку 70 тимови од цел свет.

-По пристигнувањето и поминати 2.200 километри веднаш бевме распоредени во градот, кој е близу сириската граница и брои околу 270 илјади жители. Најголем дел од зградите се урнати, а во останатите нема никакви услови за живеење. Има неколку илјади мртви и повредени, раселени, со еден збор ситуацијата е многу тешка, раскажува Стоилов.

По пристигнувањето, од страна на турските сили за спасување, им биле дадени координати за пребарување на урната десеткатница, каде имало затрупано преку сто луѓе.

-Работевме деноноќно. Работеа и повеќе спасувачки тимови заедно со турските спасувачки сили. На петтиот ден добивме информација дека се слуша глас од некое затрупано лице. Веднаш стапивме во акција и по пет часа успеавме да извлечеме жива жена, која беше предадена на турските медицински служби, раскажува водачот на тимот на струмичките пожарникари.

Додава дека тоа било вистинско чудо пет денови по земјотресот да биде извлечен жив човек.

-Тоа е многу голем успех за нас како спасувачки тим. Непроценлива чест е тоа и не постои поголема награда за спасувачки тим кога ќе извлече жив човек под урнатините..

Вели дека се вратиле со помешани чувства, какви што ги имаат и преживеаните од земјотресот во Турција. Раскажува дека по четвртиот ден почнале да се извлекуваат се повеќе загинати, а тагата на најблиските и роднините, кои се веднаш до урнатите објектите, е голема.

-Сепак, од локалното население почувствувавме голема почит. Не прашуваа од каде сме и кога ќе кажевме дека сме од Македонија на цел глас по нас не поздравуваа со извици Македонија, Македонија. Искажаа голема почит кон нас, раскажува Вернер Стоилов.

Нив синоќа ги пречека градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој им приреди прием во кабинетот и ги награди со по една просечна плата за нивната пожртвуваност, а на сите пожарникари на ТППЕ Струмица им подари бесплатен паркинг на територијата на Општината до крајот на нивниот работен век.

-Поклон до земја од мое име прво како човек, а потоа како градоначалник. Тие покажаа невидена хуманост и заминаа на долг и неизвесен пат за да спасат човечки живот. Тие се гордост на Струмица и потврда дека нашиот град има луѓе кои се подготвени и специјализирани да одговарат на такви големи природни катастрофи, изјави струмичкиот градоначалник.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Направил обрач со бензин и ја потпалил депонијата во Кочани – додека не се изгасне целосно, ќе има рестрикции во собирањето на сметот

Sonja Petrusevska

Медијаторите со нов обид за дипломатските излез, додека нападите меѓу САД и Иран продолжуваат

Igor Trajkov

Директорката на ЈП Комуналец Гостивар е во полициска станица

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе