Фирмите „шемаџии“ се враќаат на отворен пазар на електрична енергија. Ова го потврдија и од ЕВН и од Регулаторната комисија за енергетиика (РКЕ). Од ЕВН за Телма велат дека тие веќе од 1 јануари не ги снабдуваат со струја овие фирми, а од Регулаторна додаваат дека по Нова година, овие фирми го напуштиле регулираниот пазар на струја и се вратиле на отворен, каде електричната енергија е поскапа.
Тие компании, уште на крајот на минатата година, добија известување дека повеќе нема да можат да ја црпат струјата наменета за домаќинствата и дека ќе мора да се снабдуваат со електрична енеегија по берзанска цена. Кога цената на струјата на светските берзи почна неконтролирано да поскапува, околу 2.500 домашни фирми и општини, со добро разработен план, дојдоа до поевтина струја од регулираниот пазар, која е наменета за граѓаните и малите потрошувачи.
За таквата состојба, регулаторот ги извести сите надлежни институции. Списокот со големите „шемаџии“, кои долго време се криеше од јавноста, го добија и Управата за јавни приходи и Финансиската полиција. На листата има познати синџири на маркети, на бела техника, лаборатории, индустриски капацитети, општини, аптеки…
Од финансиската полиција соопштија дека извештајот го доставиле и до обвинителството, но тврдат дека продолжуваат со предистражната постапка. Во наредниот период ќе се проверуваат и сметководствените евиденции на компаниите. Сепак, останува отворено прашањето дали овие компании ќе сносат одговорност за тоа што со месеци користеа струја од домаќинствата.
Ирена Чачкова
