Јани Нича е претседател на советот во Апелациониот суд кој ја поништи пресудата во случајот „Тврдина таргет“ каде обвинет е и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Информацијата со малку детали денеска ја објави Апелациониот суд. Во 5-члениот „тим“ кој го гласал поништувањето на судската пресуда е известителот Енвер Беџети кој лани во декември заедно со колегата Ѓоко Ристов го ослободи од притвор обвинетиот Мијалков (прифати гаранција во имот од над 11 милиони евра).
Освен Ристов, во 5-члениот кривичен совет е и Тања Милева, која е сопруга на Игор Милев, поранешен адвокат на Зоран Заев во случаите кои ги формираше УБК под команда на Мијалков. Милев е и член на СДСМ, сега е на функција во царината, а беше и член на Државната изборна комисија кога неговата сопруга беше избрана од велешкиот суд во Апелациониот суд во Скопје.
Но сепак најголемата мистерија во ослободувањето на некогашниот шеф на УБК е учеството на судијката Лидија Чачева во советот. Како што објави веб медиумот sdk.mk, Чачева на 7-ми декември заминала на пензија, а 9 дена подоцна, на 16-ти декември е објавена одлуката за „Тврдина таргет“ во чиј совет и таа учествувала. Чачева инаку беше втор судија во случајот Ровер во кој меѓу обвинетите беше и Љубе Бошкоски, но пресудите за убиството на Марјан Тушевски и Кирил Јанев беа поништени.
Апелациониот суд во своето кратко соопштение не посочува многу детали освен дека ја поништил пресудата затоа што констатирал дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.“
Во соопштението е скриена информацијата кога е донесена одлуката, дали пред или после пензионирањето на Чачева, а не е објаснето ниту која фактичка состојба со нелегалното прислушување е доведена во прашање.

Апелациониот суд и покрај огромниот новинарски интерес за одлуката за „Тврдина таргет“ и Мијалков (кој смени адреса за да ја издржува затворската казна за „Империја“ во Струга) до четвртокот не споделуваше никакви информации ниту пак некому одговори дека пресудата е веќе донесена. Претпоставката беше дека Апелациониот суд и 5-те судии калкулираат и чекаат да видат што ќе стане со претставките во Стразбур поднесени од обвинетите кои ги аболицираше Иванов во 2015-та, а потоа по промена на законот, тие сами се откажуваа од помилувањето.
Бидејќи од ЕСЧП во Стразбур немаше никакви официјални информации (имаше шпекулации дека се прифатени претставките, но судот во Стразбур негираше дека донел било каква одлука за аболициите на Иванов), Апелациониот суд предновогодишно во петок напладне објави дека ја поништува пресудата по жалби поднесени уште лани во април.
Постои можност дека судот ја донел одлуката, но биле спречени да ја објават затоа што беше објавено од амбасадорката на САД дека американски тим за санкции е дојден во државата за антикорупциска проверка на предметите поврзани со функционери. Инаку Сашо Мијалков е еден од двајцата (вториот е Никола Груевски) македонски државјани кои се на црната листа на САД поради корупциските случаи и нелегалното прислушување (предмeт „Тврдина-Таргет“), со што автоматски бил и цел на „агресивниот увид“ на американскиот тим за санкции.
Откако беше објавено во вторникот дека тимот си заминал во САД, три дена подоцна Апелациониот суд ја објави информацијата. Од судот не објаснуваат зошто ја кријат одлуката и не ја објавуваат, а исто така Апелациониот суд веќе три недели ја крие и втората своја одлука во корист на Мијалков за поништувањето на пресудата Трезор.

Од друга страна не може да ги скрие биографиите на судиите кои ја донеле одлуката, па така Јани Нича има долговечна судиска кариера. Има многу контроверзи запишани по медиумите, а последната беше кога како апелационен судија се жалеше дека обвинителката Вилма Русковска го притискала со зборовите „ќе те истресам од гаќи“ откако тој на обвинетата специјална обвинителка Катица Јанева и определи домашен притвор во предметот „Рекет“. Инаку СЈО под водство на Јанева го отвори предметот „Тврдина Таргет“ кој сега Нича со својот совет го враќа назад на почеток без на јавноста да и даде детали.
Известителот Енвер Беџети пак е избран за апелационен судија од 2012-та, во период додека траеше масовното незаконско прислушување вршено од УБК за што е и предметот „Тврдина таргет“. Беџети претходно бил судија во основен суд неполни три години, но молневито успеа да стигне до позиција при жалбени постапки да ги разгледува одлуките на поискусните колеги судии од скопските кривични оддели на прв степен.
Милева е во апелација од ноември 2017-та година односно по промената на власта и доаѓањето на СДСМ и Заев на чело на владата. Тогаш иако третопласирана по бодови (прв беше судијата Лазар Нанев) сепак успеа да биде избрана за судија во скопска апелација. Таа побара изземање за случајот „Поткуп“ во кој обвинет беше Зоран Заев, а еден од неговите адвокати беше нејзиниот сопруг. Милева беше дел од советот при носењето одлука за уште еден предмет на СЈО, случајот „Тенк“ за злоупотребите со набавката на блиндираниот мерцедес.
Ѓоко Ристов ги судеше предметите „Метастаза“ за инвалидските пензии, „Изгрев“ за финансиските злоупотреби на Миладинови со имот на МПЦ при што обвинетите браќа Миладинови беа во притвор подолго од две години додека траеше судењето кое неколкупати се враќаше на почеток, предметот „Албатрос“ и „Бумеранг“ за мито на гранични полицајци. Во 2012-та се кандидираше за претседател на кривичниот суд но изгуби од Владимир Панчевски кој пак од одделот за организиран криминал го премести во кривичниот оддел за возрасни. Стана апелационен судија во 2020-тата.
Единствено на сајтот на Апелациониот суд Скопје ја нема биографијата за Лидија Чачева (избрана во Апелација во 2013-та), судијката која е пензионирана 9 дена пред да биде објавена одлуката на советот во чиј состав била и таа.
Миомир Серафиновиќ
