Вести Македонија Најважни

Кој шпекулира во случајот со синот на Назим Буши? За министерот Спасовски – новинарите, обвинителството ги негира неговите изјави за завршена истрага за украдено канабис масло

Кој шпекулира во случајот со синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши? – Прво министерот за внатрешни работи, Спасовски на прашањето дали автомобилот на синот на неговиот заменик Назим Буши бил во фабриката за марихуана „5 Леттерс“ дента кога се случила кражбата на над два милиони евра вредното масло од канабис, ни одговори – „вашите шпекулации не соодвествуваат на нашите факти и податоци“. Дури тврдеше дека таа кражба е расветлена со пресуда за сторители. Но всушност и тоа е шпекулација бидејќи обвинителството тврди дека се уште трае предистражна постапка.

„Нашите факти не соодветствуваат со вашите шпекулации“, ни одговори министерот Спасовски.

Прашањето беше што во април барало аудито А6 пред ограбената фабрика за марихуана „5 леттерс“, автомобилот со кој синот на заменик министерот Назим Буши во петокот бегал на полициска патрола со вклучени флешери, поставени нелегално. Во „5 Леттерс“ имаше две кражби, прва лани кога беше украдена сирова марихуана, а меѓу обвинетите беше и роднина на заменикот Назим Буши.

Магацинот на фирмата во стечај „5 Леттерс“ беше ограбен по вторпат во април кога беа однесени 108 шишиња со масло од канабис вредни меѓу два и пет милиони евра во зависност од начинот на продажба. Уште од тогаш прашањата зошто дента на грабежот аудито било таму и дали возачот и евентуалните совозачи на скапата лимузина се испрашани во истрагата за милионската кражба се неодговорени. За министерот случајот е затворен иако го потпрашавме на која конкретно кражба мисли.

Телма: Добро до каде е истрагата за „5 Леттерс“ бидејќи викате не е тој ама не знаеме кој е?

Спасовски (МВР): Значи еве зошто се шпекулации.

Телма: Не, не ја прашувам, бидејќи Вие обвинувате за шпекулации.

Спасовски: Не Ве обвинувам, јас само Ви укажувам дека се шпекулации. Таму имате завршен предмет со осудителна пресуда. Значи тоа не е истрага тоа е завршен предмет со осудителна пресуда.

Телма: За маслото зборуваме, не зборуваме за првата кражба.

Спасовски: Значи Зборуваме за тој предмет. И затоа треба да ги погледнете сите аргументи, факти, да ги имате сознанијата и да не градиме перцепција на шпекулации.

Обвинителството негира дека случајот воопшто е затворен и дека се откриени крадците на маслото од канабис. Или со речникот на министерот- фактите на обвинителството не соодвествуваат со зборовите на Спасовски.

„За кривично правниот настан за кој покажувате интерес од страна на МВР е поднесена кривична пријава против непознати сторители. Основното јавно обвинителство Прилеп постапувајќи по кривичната пријава отвори предмет. Предметот е во предистражна постапка, предметниот обвинител има издадено Наредба за подигнување на траги од местото на настанот и преземање на мерки и активности за откривање на сторителите, ни одговори обвинителството за кражбата на 80 литри масло од канабис“, се наведува во одговорот на обвинителството. 

За вториот инцидент кога Буши помладиот бегал од полициска патрола и бил пуштен од полицајците кои тврделе дека приватното ауди е државно возило, Спасовски рече дека ќе има соопштение и најави казни за сите кои прават прекршоци.

„Одговорност ќе има за тој што направил прекршок. Тука, нема дилема, кој сака нека е. Дали е министер, дали е директор, дали е обичен граѓанин. За секој еден ако направил прекршок. Ова е прашање кое не се заснова на ниту еден факт и мислам дека е најдобро да ги чуете, да ги дочекаме сите аргументите и фактите што се однесуваат на целиот овој процес и тие аргументи и факти да ги пласираме во јавноста. Ние во текот на денот ќе излеземе со конкретна информација за овој случај и ќе ги знаеме сите податоци и факти. Тие факти и податоци не соодветствуваат со вашите шпекулации“, рече министерот Спасовски.

Но одговор од МВР кој го најави Спасовски за денеска воопшто не беше испратен. На случајот работи и внатрешната контрола на МВР.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе