Со тесна разлика од два гласа, Ислам Абази е избран за нов шеф на Обвинителството за организиран криминал. За него гласале 66 обвинители. Зад него е скопскиот обвинител, Ермон Незири со 64 гласа, а Русковска и Пауновска имаат неколкукратно помалку гласови.
Кој е новиот шеф на обивнителството за организиран криминал? – Абази е единствен од четворицата кандидати кој не сакаше да комуницира со медиумите во изминатиот период. Не одговараше на телефон, не даде изјава, ниту се појави на дебата. Нема слика од него, ниту биографија на сајтот на Вишото јавно обвинителство Гостивар, коешто го водеше до денеска.
Иако без план и програма, голем дел од обвнителите оцениле дека тој е најсоодветен да ја менаџира борбата со организираниот криминал во државата. Правници што го познаваат, ни кажаа дека обвинителската кариера ја почнал во Кичево од каде по неколку години е унапреден во Вишото гостиварско обвинителство, а подоцна станува и шеф на ова обвинителство.
Биографијата на победникот со себе ја немаа ниту членовите на Советот на јавни обивнители, но имаа комплименти за него.
Станува збор за обвинител родум од Зајас, родното место на Али Ахмети, лидерот на ДУИ. А во ова село и во Кичево е и имотот што го има пријавено во анкетниот лист. Како негов личен имот е наведен стан од 105 метри квадратни во Кичево и Ауди А6. Двата имота се купени во 2019, една година откако е избран за шеф на Вишото обвинителство. Во 2018 година е избран за шеф на Вишото обвинителство, една година потоа купил стан од 105 метри квадратни.
Една од првите честитки на ФБ за Абази дојде од заменик министерот за правда, Агим Нухиу.
Абази е прв обвинител за организиран криминал кој е избран од колегите на директно гласање по новите законски одредби.
Абази вечерва преку СМС порака најави дека утре ќе дојде во Скопје и ќе даде изјава по неговиот избор за прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Елена Ивановска Мукоска