Вести Свет

САД одобрија нова воена помош за Украина во износ од 675 милиони долари – досега донирани над 13 милијарди за оружје и муниција

Повеќе од 7 месеци од нејзиниот почеток, војната во Украина можеби веќе не доминира секојдневно со вестите од фронтот, туку повеќе со последиците од борбите, како енергетската криза, санкциите против Русија, запрениот проток на гасот низ Северен Поток 1. Како и да се подзаборави дека Русија и Украина се обидоа со мировни преговори да договорат прекин на насилствата.

Судирите не запираат а не запира ниту огромната воена помош од Западот за власта на Володимир Зеленски.

По разговорите во американската воена база Рамштајн со десеттина министри за одбрана од сојузниците во НАТО, првиот човек на Пентагон, Лојд Остин, објави дека администрацијата на Бајден одобрила нов пакет помош за Украиан во износ од 2,7 милијарди долари, вклучувајќи и 675 милиони долари во воена помош.

„Во неделите кои поминаа по последната средба на контакт групата, Соединетите држави посветија дополнителни 6,3 милијарди долари во безбедносна помош за Украина а вчера Претседателот ја одобри најновата транша од американската помош за Украина во износ од 675 милиони долари.

Последниот пакет вклучува повеќецевни ракетни системи, хаубици од 105 мм, артилериска муниција, проектили, хамви возила, оклопни амбуланти, анти-тенковски системи, оружје од мал калибар и повеќе“ – подвлече Остин.

Само во воена помош, Соединетите држави досега на Украина и доделија или ветија најсовремено оружје, вредно повеќе од 13 милијарди долари.

Фокусот во последниот пакет е насочен кон долгорочната помош, со став дека сојузниците мора да се посветат да ја помагаат Украина толку долго колку што ќе биде неопходно и да бидат спремни да се адаптираат на променливите услови на военото поле.

„Сега гледаме дека има видлив успех на нашите заеднички напори на военото поле. И секој ден сведочиме на решителноста на сојузниците и партнерите од цел свет кои и помагаат на Украина да се спротистави на Руската илегална, империјална и неодбранлива освојувачка војна. Како се менува борбата, тоа мора да го правиме и ние“ – додава Остин.

Украинскиот претседател Зеленски тврди дека борбените единици на неговата земја извршиле успешни напади против руските окупатори кои контролираат голем дел од јужна и источна Украина, додавајќи дека биле освоени населени места во близина на градот Харков.

Официјална Москва негира дека има некоја значајна промена на теренот, при што рускиот лидер, Владимир Путин, порача дека Русија ниту загубила, ниту пак ќе загуби било што освоено во текот на тоа што тој го нарекува специјална воена операција против нео-нацистите во соседната земја.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Водата во Крушево повторно безбедна за пиење

Kristina Kuzmanovski

Пожарот во Франција сѐ уште под закана од повторно разгорување

Kristina Kuzmanovski

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума награден на фестивалот во Ерусалим, а ќе има европска премиера во Сараево

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе