Случајот со силувањето на 11-годишното девојче од Приштина, кој веќе неколку дена ја потресува јавноста, по се изгледа не е прв инцидент во кој жртва е истата малолетничка. Косовскиот интернет портал „Перископи“ од полициски извори дознава дека истата жртва била сексуално злоставувана кон крајот на јуни годинава. Според нивните извори, силувањето го извршиле шест лица. Порталот пишува дека девојчето била и жртва на трговија со луѓе во која учествувале други возрасни лица. Жртвата, вечерта на 21 јуни, била во кафуле во близина на нејзиниот дом во Приштина. Тука сретнала возрасен човек, со кој заминала во мотел во околината. Во мотелот била цела ноќ сексуално злоставувана од вкупно шест возрасни лица. Нејзините родители го пријавиле во полиција исчезнувањето, но девојчето го нашле следното утро фрлено на улица недалеку од нејзината куќа. Според порталот Перископи, за овој случај кој потоа бил пријавен во полиција, не е уапсен ниту еден од насилниците, иако биле идентификувани од самиот почеток. На разговор во полиција не биле повикани ниту сведоците на настанот. Во полицискиот записник се води само дека жртвата е упатена на медицински преглед, а потоа во соработка со Центарот за социјална работа и било препорачано прифатилиште. Но, медиумите дознаваат дека нејзините родители барале да се врати дома. Овој случај е се уште под истрага.
Истото девојче е силувано на 27-ми август од пет лица. Првоосомничени се браќа на возраст од 26 и 16 години од Приштина, кои според соседите, како што пренесуваат косовските медиуми, биле многу проблематични и постојано создавале инциденти и проблеми. Прв во паркот и пришол 26-годишникот кој по кус разговор и ја затворил устата и ја ставил во пикап. На силувањето му се придружил братот, 16-годишник, а потоа и уште тројца нивни пријатели.
Косовското обвинителство потврдило дека постариот брат многупати бил инволвиран во кривични дела. Браќата се во едномесечен притвор, како и уште две малолетни лица кои се осомничени за силувањето на девојчето, а во вторникот беше уапсен и петиот осомничен, кој беше во бегство.
Случајот предизвика масовни протести во Приштина. Организаторите побараа политичарите да не се приклучуваат, а се протестира пред министерството за правда, барајќи оставка од министерката. Фрлаат црвена боја кон зградата и извикуваат „силувачите во затвор“.
Заради овоој случај, оставка до сега поднесе директорот на полицијата, и директорот на Управата за постапување со затвореници и малолетници.
