Украинските сили ја обвинија Русија дека пукала за време на евакуацијата на цивилите од челичарницата во Мариупол – при што бил погоден автомобил во кој имало бегалци. Се смета дека има околу 200 цивили – вклучувајќи најмалку 20 деца кои се уште се заробени со украинските борци од Азовскиот полк во тунелите на Авозстал.
Украинската влада соопштува дека речиси 500 цивили се безбедно пренесени од градот од почетокот на спасувачката операција предводена од ОН.
Во своето обраќање, Зеленски ја обвини Русија за ситуацијата во опколениот Мариупол, што тој ја опиша како „мачење“ и рече дека „не може да има преговори со Москва додека таму се убиваат цивили и војници кои можат да бидат евакуирани“. На 72-от ден од војната и нејзиниот крај се уште не е на повидок. Руското гранатирање врз Азовстал не престанува.
- Во моментов, руското гранатирање и нападот на Азовстал не престануваат. Но, сè уште треба да се извлечат цивили – жени, деца. Многу деца сè уште се таму. Само замислете го овој пекол. А има деца, кои повеќе од две месеци се под постојано гранатирање, бомбардирање, постојано со смртта очи в очи, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Досека рускиот претседател Владимир Путин порачува дека Украина треба да им нареди на своите борци во челичарницата Азовстал да се предадат, Зеленски повторува дека хероите на украинската војска го бранат Мариупол од окупаторите.
Прекршувањата на прекинот на огнот, нападите врз хуманитарните коридори и убиствата, кои се повторуваат во последните 70 дена, не може да се класифицираат како недисциплина, велат од невладината организација „Амнести интернешнл“. „Тоа руските сили можеа да го искоритат како изговор во првите недела – две, но едно е сигурно дека не се преземаат мерки за да се запрат, спречат или казнуваат оние кои што ги прават тие злосторства“, истакнуваат од невладината.
- Она што го гледаме е дека е некаква руска официјална пропаганда која се состои од негирање дека нападите се извршени, обвинување на жртвите дека се актери и некој вид инсценирани напади. Значи, јасно е дека има индикации дека на ниво на руската држава, овие многу сериозни наводи и примарни факти за воено злосторство не се сфаќаат сериозно, рече Донатела Ровера, виш советник на „Aмнести Интернешнал“.
Заземањето на целиот разурнат јужен град Мариупол би било симболично за Москва пред нејзината годишна на прослава на Денот на победата на 9 мај. Во меѓувреме, има извештаи дека САД обезбедиле разузнавачи коишто и помогаат на Украина да го потопи рускиот воен брод „Москва“. Пентагон ги демантираше ваквите извештаи дека САД и помогнале на Украина да таргетира и убива руски генерали.
Билјана Ставрова
