Владата на ВМРО-ОКГ повторно ја примени класичната техника: кога нема одговори и кога треба да се сноси одговорност, се отвора фронт против оние кои зборуваат вистина, реагираат од СДСМ.
„Наместо да објасни зошто институциите молчеле додека граѓаните на Гостивар пиеле загадена вода, наместо да каже зошто епидемијата беше прогласена со задоцнување и зошто илјадници луѓе се отруени, министерот за здравство Сашо Клековски ги нападна лекарите и професорите. Клековски ги нарече „јавачи на епидемијата“ кои собираат „лајкови на социјалните мрежи“. Ова е срамна и опасна практика. Експерти не „јаваат“ на епидемијата, тие предупредуваат, бараат јасни информации и укажуваат на пропустите. Нивна должност како лекари и научници е да зборуваат кога институциите молчат или манипулираат“, велат од СДСМ.
Тоа, според опозициската партија, е обид за дефокус од вистинскиот проблем – институционалниот колапс на здравството и прикривањето на информации.
„Граѓаните на Гостивар не се разболеа затоа што некој доктор или професор коментирал на социјалните мрежи. Тие се разболеа затоа што институциите не реагираа навреме, затоа што водата беше прогласена за безбедна и покрај сознанијата дека е загадена, и затоа што одговорноста се избегнува. Ова е класичен модел на ВМРО: кога нема резултати и кога треба да се одговара, се напаѓаат лекари, експерти, новинари и сите кои не сакаат да молчат. Ние бараме целосна транспарентност за случајот во Гостивар и оставки, утврдување на одговорност за сите кои учествувале во прикривањето на информациите, прекин на нападите врз медицинските експерти“. реагираат од СДСМ.
