Вести Свет

Петгодишна затворска казна за поранешната претседателка на Мјанмар која е добитничка на Нобеловата награда за мир

Судот што е под контрола на воената хунта во Мјанмар во процес одржан зад затворени врати и изрече петгодишна затворска казна на поранешната цивилна лидерка Аунг Сан Су Чи, соопштија денеска извори упатени во судскиот процес.

Станува збор за прва пресуда по серијата единаесет обвиненија покренати против поранешната лидерка на Мјанмар обвинета за коруптивни активности, осомничени дела за кои по секое одвоено законот предвидува казни до 15 години затвор.

Су Чи (76) е осудена за наводно земање мито од 600 илјади долари во готовина и златни прачки од поранешниот началник на градот Јангон. Су Чи ги отфрли обвинувањата нарекувајќи ги „апсурдни“.

Добитничката на Нобеловата награда за мир која пет години го водеше Мјанмар пред да биде соборена од власта со пуч изведен на почетокот на минатата година, е обвинета дека е сторител на најмалку 18 кривични дела за кои би можела кумулативно да добие и речиси 190 години затвор.

Засега не е познато дали таа ќе ја отслужи казната во затвор или ќе и биде дозволено да остане во домашен притвор.

Су Чи беше уапсена на 1 февруари минатата година, часови пред да биде изведен воениот удар со кој беше соборена демократски избраната цивилна власт во земјата враќајќи ја воената управа во Мјанмар.

Таа од апсењето се наоѓа на непозната локација каде што, како што изјави претходно шефот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг, би можела да остане и натаму. Су Чи во декември и јануари за полесни прекршоци беше осудена на вкупно шест години затвор.

Мјанмар по воениот удар е жариште на политички превирања, а војската се обидува да ги спречи мирните улични протести и движењата на граѓанска непослушност, како и да се справи со оружениот отпор на милициите против хунтата низ целата земја.

Според податоците на Организацијата за човекови права од воениот удар досега во земјата се документирани убиства и кршења на човековите права, со најмалку 1.700 убиени и повеќе од 13 илјади уапсени.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќемина паднаа на тестови за дрога, добија откази – француската влада ги тестираше вработените во министерствата и високите државни службеници

Sasko Dimovski

Судскиот процес против Мадуро закажан за 1 јуни во 2027 година во Њујорк

Sasko Dimovski

Скопските општини ќе формираат комисии за пријавување на штети од невремето

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе