Литванскиот претседател Гитанас Наузеда го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да испорача борбени тенкови Леопард во Украина и Германија да ја забрза испораката на оружје за Киев.
„Не сум на позицијата на канцеларот Олаф Шолц. Можам само да кажам што би направил на негово место, би доставувал тенкови“, рече Наузеда, цитиран од медиумската групација „Функе“.
По неколкунеделен притисок дома и во странство и неизвесност околу нејзиниот став, Германија во вторникот ја објави својата прва испорака на тешко оружје за Украина за да и помогне да се одбрани од руските напади.
Наузеда рече дека Германија оди во вистинската насока, но дека не може да застане на половина пат ако сака да биде доследна.
„Исклучително е важно Украина да ја добие потребната воена опрема сега. Не утре или задутре, тогаш може да биде предоцна“, предупреди тој.
Литванија е членка на НАТО, а Наузеда ја повика алијансата да премине од надгледување на воздушниот простор на воздушна одбрана, велејќи дека украинската војна ја покажала важноста на таквата одбрана.
„Со надзорот на воздушниот простор, нашите пилоти моментално можат да собираат информации само за прекршување на воздушниот простор. Но, нема наредби за соборување на непријателски воени авиони во итни случаи“, рече тој.
