Реализацијата на современата фабрика за отпад во Светниколското село Мечкуевци треба да продолжи и не треба процесот да биде стопиран. Во рок од 12 години од фондовите на ЕУ потрошени се неколку милиони евра за овој проект. Вакво идентично мислење дале 18 те градоначалници од источниот и севереисточниот плански регион. Изјаснувањето на двата региони доаѓа откако градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев побара дислокација на регионалната депонија во околината на Мечкуевци.
Ана Мазневска од Министерството за животна средина за Телма потврдува дека е почната постапката за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за депонијата.
Одземањето на ингеренциите ќе биде во делот на функционирање на регионалното комунално претпријатие за управување со депонијата. Наместо општината, двајца претставници, жители на Свети Николе ќе предложи Министерството, по што процесот ќе може да продолжи и да се чека распишување на тендерот, што би требало да се случи годинава, велат од Министерството за животна средина.
Советот на Свети Николе на крајот на февруари одржа јавна седница и донесе одлука дека ќе почне постапка за промена на локацијата. Но засега Мечкуевци останува локација за фабриката за отпад и депонија. Општините од двата региони веќе добија камиони и контејнери за отпад. Поради недостаток на урбанистички планови не е започнат и процесот на чистење на депониите и изградба на претоварните станици. Оваа модерна фабрика за отпад ќе биде прва во државата, Европската унија за неа издвојува 46 милиони евра.
Викторија Димитрова Јованова
