Хотелот Мериот, куќата во која живее Мијалков на Водно, акции на Ексико во Стопанска Банка Битола, удели во Дивелоп груп на Александар Ивановски- Алек Тера Нова, третина од Бест веј инвестментс, фирмата на Јордан, синот на Сашо Мијалков и 1,7 милиони евра вреден деловен простор, кој се уште се гради на скопскиот плоштад спроти Мериот –се се тоа имоти поврзани со осомничени во Империја кои од денеска се замрзнати. Не смеат да се продаваат или заложуваат за кредити, откако по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Кривичниот суд донесе забрана за оттуѓување и располагање со недвижен имот.
Барањата се како резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање. Дотолку повеќе што од прибраниот доказен материјал произлегува дека предложениот имот е имот што е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик, соопштија од јавното обвинителство.
Причината за ваквото барање е поради сомнежи дека повторно осомничените во Империја ќе се обидат да извршат пренесување на сопственоста на имотот, кој според обвинителството е стекнат или создаден со кривично дело.
Привремените мерки стапија во сила веднаш и заплената на имотот е прибележана во Централниот регистар и во Катастарот. Обвинителството соопшти дека запленувањето не е конечно. Случајот Империја сѐ уште е во истрага, а од обвинителството не соопштуваат дали и кога ќе биде поднесено обвинение.
Во Империја меѓу осомничените се Сашо Мијалков и Орце Камчев. Двајцата дадоа гаранција пред Нова година за да излезат од притвор. Издвоија по над 11 милиони евра во недвижности, акции, имот и пари, но обвинителството не соопштува дали сега замрзнатиот имот е дел од гаранцијата за пуштање од притвор.
