Јавното обвинителство потврди дека врз основа на прегледаните видео записи од безбедносните камери – Safe City, идентификувани се три лица за кои се донела наредба за истражна постапка, поради основано сомнение дека извршиле Убиство од член 123 став 1 и член 22 од кривичниот законик.
Обвинителството потврдува и дека двајца од осомничените, меѓу кои и 19 годишна девојка, се лишени од слобода и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, додека по првоосомничениот, кој е недостапен на органите на прогонот, се трага. Со оглед на тежината на стореното кривично дело, за сите осомничени ќе биде предложена и мерката притвор.
Врз основа на резултатите од извршената обдукција на Институтот за судска медицина и геонтологија, било утврдено дека иако на телото нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот.
„Осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“. – стои во соопштението на Обвинителството.
