Турканици, расправии и за малку тепачка во бугарскиот Парламент. Хаосот настана откако пратеник од „Продолжуваме со промената„ упати обвинувања кон колегите од ГЕРБ, кои поднесоа декларација во одбрана на уапсениот екс премиер Бојко Борисов. Удираа по масите и бараа предвремени избори и оставка.
Прв на распит по апсењето на Борисов, беше актуелниот премиер, Кирил Петков. Во видео обраќање ги повика бугарските обвинители да реагираат. Шефицата на Европското обвинителство, Лаура Ковеси, во средата го посети Петков во Софија и му предаде документација за 120 случаи, за кои постои сомневање за корупција и несовесно работење со пари добиени од европските фондови. Само шест часа подоцна, следуваше апсењето на Борисов, како и на неколку негови соработници од партијата ГЕРБ.
Адвокатот на Борисов, пак, тврди дека не се работи за никаква злоупотреба на евро-фондовите, а европските обвинители воопшто не учествуваат во истрагата. Како повод за 24-часовниот притвор на обвинетите, е наведено изнудување но, не пишува кое лице е изнудувано од Борисов, кога, како и зошто? Обвинение засега нема.
Менков се сомнева дека се работи за случајот од пред една година, кога се појавија снимки со купчиња пари и златни прачки од спалната на Борисов, со тврдење за изнуда од коцкарскиот магнат Васил Божков. Поранешниот бугарски вицепремиер, Томислав Дончев, пак, обвини дека се работи за одмаздољубивост на актуелната влада.
Претресот во домот на Борисов траел три часа. Уште синоќа, сите пратеници на ГЕРБ, поранешни министри и поддржувачи се собраа пред неговата куќа.
Пред зградата на бугарската Влада утрово се одржа мирен протест, со барања за предвремени избори и итно ослободување на Борисов.
Далиборка Демјанска
